Британската кралица Елизабета Втора има подготвен говор во случај да избие Трета светска војна. Националниот архив на Велика Британија во 2013 година објави дека е подготвен говорот за кралицата кој ќе се одржи во случај да избие Светска војна.
Кралицата има низа на подготвени говори за големите настани вклучувајќи го и овој. Верзијата на говор за случај да дојде до Трета светска војна, е напишан во 1983 година, за време на Студената војна, додека за јавноста стана достапен во 2013 година.
Како што пренесува „Би-би-си“, делови од говорот се застарени, но се смета дека неговата суштина ќе послужи доколку започне уште една Светска војна. Во првиот дел од говорот, кралицата се осврнува на периодот кога Велика Британија влезе во Втората светска војна против тогашната Германија.
„Никогаш не ја заборавив тагата која ја почувствував додека на тој кобен ден во 1939 година го слушнав мојот татко (Џорџ VI) како зборува дека почна Втората светска војна. Не насетив дека еден ден ќе морам и јас да го кажам истото. Но, каков и да не чека ужас, сè она што ни помогна за да ја сочуваме нашата слобода веќе два пати во минатиот век, повторно ќе ни помогне за да преживееме.
Потоа во говорот се споменува и како непријателите не ги користат традиционалните оружја, туку смртоносната технологија.
„Сите знаеме дека сега се соочуваме со опасност многу поголема од кога било претходно. Непријателот не е војник со пушка, пилот кој лета над нашите градови и села, туку злоупотребата на технологијата, која има смртоносна моќ“, стои во говорот.
И на самиот крај во подготвителниот говор, кралицата Елизабета искажува поддршка и солидарност со народот.
„Мојата порака до вас е едноставна. Помогнете им на оние кои не можат самите себе си да си помогнат. Бидете утеха за осамените и бездомниците. Нека вашето семејство им даде надеж на оние на кои им е потребна. Додека заедно се бориме против ова зло, да се помолиме за нашата земја и луѓето со добра воља, каде и да се. Бог да ве благослови“, пишува во говорот.