Мистерија над Атлангикот: Огромна аномалија од 7.000 километри ги збунува научниците уште од 2007 година

Научниците со години се обидуваат да ја решат мистеријата на необичната гравитациска аномалија откриена над Атлантскиот Океан, феномен кој првпат бил регистриран во 2007 година и кој, според истражувачите, можеби е поврзан со драматични процеси што се случуваат длабоко во внатрешноста на Земјата.

Француски научници откриле необичен сигнал со огромни размери кој не можел целосно да се објасни со познатите природни процеси како движењето на водата или активностите во Земјиното јадро. Откритието било направено со помош на сателитите NASA во рамки на проектот GRACE, наменет за мерење на гравитацијата и климатските промени.

Истражувачите откриле дека аномалијата се протегала на подрачје долго околу 7.000 километри над источниот дел на Атлантикот и била регистрирана во периодот меѓу 2006 и 2008 година.

„Идентификувавме аномален сигнал на гравитациски градиент од големи размери кој не може целосно да се објасни со познатите извори“, навеле научниците во студијата објавена во Geophysical Research Letters.

Во исто време, научниците забележале и уште еден необичен феномен – таканаречен „геомагнетски трзај“, односно ненадејна промена во однесувањето на Земјиното магнетно поле.

Според експертите, овие промени можеби се поврзани со движења и прераспределба на масата длабоко во Земјиниот плашт, слојот што се наоѓа меѓу кората и јадрото на планетата.

Особено внимание привлекол минералот бриџманит, кој се смета за клучен дел од долниот плашт на Земјата. Научниците веруваат дека промени во неговата структура и распределба можат да предизвикаат промени во гравитацијата и магнетното поле што сателитите ги регистрираат од вселената.

Иако дел од теориите веќе се разработени, вистинската причина за оваа огромна аномалија сè уште не е целосно откриена. Научниците предупредуваат дека внатрешноста на Земјата е многу подинамична и покомплексна отколку што досега се мислело.

Откритието дополнително ја зголеми загриженоста и љубопитноста кај научната заедница, бидејќи покажува дека процесите кои се случуваат илјадници километри под површината можат да имаат директно влијание врз гравитацијата и магнетното поле на планетата.

Scroll to Top