Метеорологот Исидро Кано од Мексико објавил фотографии од необични топки кои наводно паднале од небо на подрачјето на градот Веракруз. Кано е позната личност во таа област, па откритието се толкува со доза сериозност, иако мистеријата ги инспирира бројни теоретичари на заговор.
Кано фотографијата ја објавил на 1 август на својот Фејсбук профил, каде редовно ги известува своите пријатели и следбеници за времето во Мексико. Иако со лош квалитет, фотографиите прикажуваат топки кои наводно паднале на крошна дрво, а секоја од нив има антена.
Познатиот метеоролог го следат 123.000 луѓе, па неговата објава за кратко време се проширила низ цел свет.
„Делува дека се изработени од метал или пак од тврда пластика“, напишал Кано.
Топките, наводно, паднале минатата недела, но немало никаква светлина или пак огнена трага. Делуваат многу цврсто, целосно затворени, а на нив е испишан неразбирлив „код“, тврди тој. Неговата објава предизвика паника меѓу граѓаните на Мексико.
Кано напишал дека топките можеби се дел од кинеските ракети, веројатно поврзувајќи ги со остатоците од ракетата Long March 5B кои паднале во Тихиот Океан недалеку од Филипините.
Тој ги повикал надлежните да го испитаат случајот, додека во последната објава се наведува дека „стручните служби“ ги однеле топките од местото, пренесува „Њузвик“.
Астрономот од Харвард, Џонатан Мекдауел, смета дека топките не може да се вселенски отпад.
„Не можат да ѝ припаѓаат на кинеската ракета, станува збор за погрешен дел од светот, но можеби и измама. Би морал да видам поквалитетни фотографии“, изјавил Мекдауел.
Тоа што предизвикува сомнеж е тоа што има помала трага од согорување на топките кои морале да поминат низ Земјината атмосфера.