НАТО пред распад, кавгата меѓу Франција и Турција за Либија е знак на слабост во алијансата

Најмоќната воена алијанса во светот, НАТО е пред распад, пишува српски „Курир“. Според „курир.рс“, расправијата меѓу Франција и Турција за Либија е знак за распад на алијансата.

Растот на напнатоста меѓу Франција и Турција по инцидентите со воените бродови на двете земји укажува на слабоста и ограничувањето на НАТО, чии членки понекогаш се на различни страни за конфликтите, во овој случај станува збор за Либија.

Спорот меѓу Франција и Турција во врска со поморските тензии во Средоземното Море фрла светло на напорите на НАТО да го одржи редот во своите редови, да го ограничи воениот сојуз, ако неговите членки се на спротивните страни на конфликтот, како и слабостите на НАТО, кој може да дејствува само со консензус, укажува „Асошиетед прес“ (АП).

Во средиштето на кавгата се две земји, истакнува АП, и прашањето е дали сојузниците во НАТО треба да го почитуваат ембаргото на Обединетите нации на оружјето за Либија.

Според француските извештаи за инцидентот на 10 јуни, францускиот брод „Курба“, кој дејствувал во рамките на операцијата „Поморски чувар“ и имал цел да ја зачува безбедноста на Медитеранот, бил осветлен на радарот и кон него биле насочени ракети од турски воен брод.

Тоа се случило во моментот кога бродот „Курба“ му се доближил на цивилен товарен брод под знамето на Танзанија за кого, според извештаите и податоците на НАТО, бил осомничен за вклученост во трговија со оружје до Либија.

Откако Турција ги негирала овие наводи, француското Министерство за одбрана подвлекло дека повеќе нема да учествува во операциите сè додека сојузниците повторно не побараат ембарго на оружјето во Либија.

Иако ова не е првпат Турција да се најде во центарот на полемика во НАТО и покрај загриженоста поради нејзината насока и блиските врски со Русија, Анкара не може да биде исфрлена од воената организација, нагласува АП. Не постои законски механизам и за одлуката е потребна едногласен договор на сите 30 земји членки.

Инцидентот со Франција е само последен во низата во кои се поставува прашањето за положбата на Турција во НАТО, истакнува Би-би-си. Напнатоста поради турскиот пристап на Либија доаѓа по сличните разлики меѓу Анкара и клучните сојузници во НАТО поради нејзиниот интервенциски пристап во Сирија.

 

Би-би-си потсетува и на одлуката на Анкара во купувањето руски ракети со противоздушна одбрана S-400, што резултирало со суспензија на Турција од американската воена програма „Ф-35“. Како што додава британскиот сервис, постојат повеќе тензии на Медитеранот и со долгогодишниот соперник и членка на НАТО, Грција.

Турција ги поместува границите за она што е прифатливо во НАТО, но со оглед на случувањата поврзани со пандемијата на Ковид-19 и амбивалентниот став на Доналд Трамп, кај Сојузот таквата напнатост веројатно ќе се зголемува, оценува Би-би-си.

Во либискиот конфликт, укажува „Франс 24“, Анкара поддржува влада на национален договор против бунтовникот Халиф Хафтар. Од друга страна, голем број аналитичари се сомневаат дека Франција, иако инсистира дека е неутрална во тој конфликт, ги поддржува Хафтар со Египет, Русија и Обединетите Арапски Емирати.

 

 

Спорот на Турција и Франција е најновиот пример на хаос меѓу членките на НАТО поради што тие дејствуваат повеќе како соперници, а не сојузници, ако не и директни непријатели, оценува „Политико“, истакнувајќи дека е во прашање ист вид конфликт, кој францускиот претседател Емануел Макрон минатата година го натера да каже дека НАТО доживеал мозочна смрт.

Макрон предупреди дека Либија може да дојде во катастрофална ситуција како Сирија, каде што Турција исто така ја играла главната улога. Но, коментарите на Макрон ја ставаат Франција во опасност од обвинувања за лицемерство затоа што соработувал со Хафтар кога се борел против таканаречената Исламска држава во градот Дерна и му давал политичка поддршка.

Во јуни 2019 година пронајдени се и четири француски ракети во базата, кои ги држеле силите на Хафтар јужно од Триполи.

Но, како што нагласува „Политико“, дури ни генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој обично наоѓа начин да ја објасни разликата меѓу 30 членки, не може да ја оспори сериозната поделба во врска со случувањата на 10 јуни велејќи дека факт е оти во тоа се вклучени два НАТО-сојузника, кои имаат целосно спротивни погледи на она што навистина се случило.

Сепак, другите земји во ЕУ и НАТО, дури и оние политички блиските на Франција, не сакаат да ја признаат таквата голема поделба, со оглед на воената важност на Турција како една од најголемите и најдобро вооружени членки на Сојузот, но и поради политичкиот ризик на отуѓувањето на Анкара, која би можело да ја турне поблиску до Москва.

Оваа неподготвеност била видлива затоа што само осум членки на воената алијанса беа подготвени јавно да ја поддржат Франција во нејзиниот приговор поради инцидентот во Медитеранот.

Најистакнат бил недостигот на јавна поддршка од Вашингтон и Лондон, каде што Борис Џонсон јасно изјавил дека не верува многу во ставот на Франција. Велика Британија ја гледа Турција како важен дел од својата глобална стратегија по брегзитот, а САД турското учество во Либија го гледа како начин за сузбивање на руската интервенција.

Сето она што им остана на другите земји членки на НАТО е борбата како да ја калибрираат својата порака, заклучува бриселски портал.

Извор/Курир.рс

 

Scroll to Top