Пилоти над Словенија виделе чудна светлина, се сомневаат во НЛО

Уредниците на словенечкиот портал 24ur.com добиле, како што тврдат, необична снимка од разговорот меѓу пилотите на TUI Airways и контролорите на летот. Авионот на TUI Airways полетал од аеродромот Ист Мидлендс во Велика Британија во саботата во 15 часот и 45 минути и слетал на грчкиот остров Родос во 21 часот и 12 минути.

Кога летале над Словенија, виделе некои светла пред себе, пренесува порталот, па ја контактирале контролата на летот за да прашаат дали можеби станува збор за воен авион. Контролорот ги известил дека немаат добиено пријава за воен сообраќај, па не се знае што точно виделе, пишува 24ur.com.

Нивната комуникација се одвивала вака:

Пилот: TomJet 7KL

Контролор: Кажете што ви треба.

Пилот: Имам малку чудно прашање, но дали има воени авиони кои летаат во насока на стрелките на часовникот од еден до два, на околу 40 или 50 милји.

Контролор: 40 милји рековте?

Пилот: Да. Можеби. (сигналот бил прекинат за кратко време).

Контролор: Немаме извештаи за никаков воен сообраќај.

Пилот: Во ред. Силна светлина во моментов сјае кон нас. Непосредно пред да ве исконтактирам, блесна кон нас, потоа исчезна и почна да трепери. Потоа отскокна на небото и повторно почна да свети постојано.

Необичниот разговор меѓу пилотот и контролорот дојде само еден месец откако американската влада го објави својот извештај за неидентификувани небесни феномени.

Scroll to Top