Тешко дека има човек на светот што не ја знае тажната приказна за потонувањето на „Титаник“. Овој трагичен настан, кој однел над стотина животи, и понатаму е предмет на голем број теории на заговор. Дали случајно удрил во санта мраз или сѐ било внимателно испланирано.
Сепак, што навистина се случило ноќта на 14 април 1912 година знаат само оние чии сеќавања ги понеле во гроб, но и оние малкутемина од преживеаните.
Каков живот можете да водите кога ќе преживеете таков шок, стрес, трагедија и мачна борба за гол живот?
Сирачиња со лажни имиња
Тригодишниот Мајкл и двегодишниот Едмонд Навратил биле на бродот со својот татко под лажни имиња, Луис и Ото. Таткото, чие име исто така било Мајкл, се правел вдовец и на сите им зборувал дека жена му умрела, а во реалноста тој бил разведен, а децата ги однел без знаење на мајка им. Кога бродот почнал да тоне, Мајкл ги сместил децата во бродот за спасување, а последните зборови што им ги упатил биле следниве:
„Деца мои, кога мајка ви ќе дојде по вас, а знам дека сака, кажете ѝ дека искрено ја сакав и дека сѐ уште ја сакам. Кажете ѝ дека се надевав дека ќе дојде со нас на овој пат и дека ќе живеевме среќно и заедно во мир и слобода во новиот свет“.
Поради тоа што татко им настрадал, а децата биле премногу мали и не говореле англиски, долго време им било потребно на властите да пронајдат кој било од нивното семејство. Подоцна мајката на децата ги видела нивните слики во весниците и конечно ги пронашла своите деца еден месец подоцна, на 16 мај. Мајкл се оженил кога бил на колеџ, станал професор по психологија и целиот живот го живеел во Монпелје во Франција, а починал на 92-годишна возраст.
Едмонд исто така бил оженет. По професија бил архитект, но за време на Втората светска војна се приклучил на француската војска и загинал на 43-годишна возраст.
Неуништливата Моли
Жената чија приказна била толку силна што дури и славниот режисер Џејмс Камерон ја ставил во прочуениот филм „Титаник“. Во прашање е Маргарет Браун, чие име било познато пред потонувањето на славниот брод. Таа била една од првите жени во Америка што се бореле за политичките права и позиции дури 8 години пред жените воопшто да добијат право на глас. Во текот на нејзиниот престој во Европа ѝ јавиле дека нејзиниот внук е болен и затоа одлучила веднаш да отпатува за Њујорк. Поради тоа што одлуката ја донела со голема брзина, само неколку луѓе знаеле дека ќе патува со „Титаник“.
Кога бродот удрил во сантата мраз, Маргарет била сместена во чамецот број 6, каде што ја презела улогата на давање упатство на луѓето наместо офицерот што бил задолжен за тоа. Очигледно било дека тој не бил психички во состојба да си ја извршува задачата. Додека бродот „Карпатија“, кој ги презел преживеаните патници од „Титаник“ до Њујорк, стигнал до одреденото место, Маргарет веќе била избрана за претседател на Комитетот на преживеаните и успеала да собере речиси 10.000 долари за помош за преживеаните. Одбила да се симне од бродот сѐ додека не била сигурна дека сите добиле адекватна медицинска помош.
Маргарет Браун добила медал за помош за преживеаните од Титаник, а подоцна и орден од Легијата на честа за својот придонес во текот на Првата светска војна. Починала од последица на тумор на мозокот на 65 години. Надимакот Моли го добила од печатот. Исто така позната е и во филмското остварување со Леонардо ди Каприо.
Жената која преживеала три бродоломи
Вајлоет Констанс Џесоп работела како келнерка на компанијата за бродови White Star Line, во чие сопствеништво бил и „Титаник“. Работела и на бродот „Олимпик“, кој доживеал страшна несреќа во 1911 година. Наредната година се качила на „Титаник“, кој потонал. За време на Втората светска војна работела и на болничкиот брод „Британика“, кој потонал по експлозијата на мина.
И покрај сите несреќи, таа продолжила да работи на бродови сè до 1950 година. Вкупно минала 42 години пловејќи по морињата. Умрела на 83-годишна возраст од срцев удар.
Актерката која се појавила на филм во облеката што ја носела додека „Титаник“ тонел
Дороти Гибсон била во Париз со својата мајка кога се одлучиле да купат билети од прва класа за патување со „Титаник“. Тој судбоносен ден Дороти играла бриџ со двајца банкари, а потоа отишла во својата кабина. Слушнала звук на пукање. Заедно со нејзината мајка била сместена во чамецот со број 7, кој бил полупразен. Веднаш ги повикала и банкарите да се качат во него. Чамецот имал пукнатина и брзо сфатиле дека и тие ќе потонат. За среќа, успеале да ја затворат дупката со облека и така се спасиле.
Кога стигнале во Њујорк, посакала да игра во филмот за потонувањето на бродот. Самата го напишала сценариото и во филмот кој е прикажан месец дена подоцна ја носела истата облека што ја носела додека се спасувала од тонењето на „Титаник“.
Набрзо потоа, Дороти се одлучила да ја прекине актерската кариера и почнала да работи во операта „Метрополитен“. Во 1928 година со нејзината мајка се преселила во Париз, за време на Втората светска војна заминала во Италија, каде е обвинета за антифашистички ставови и била испратена во затворот „Сан Виторе“. Успеала да побегне од затворот и повторно да се врати во Париз каде што останала да живее до крајот на својот живот.
Умрела на 65-годишна возраст од срцев удар.
Човекот кој повторно прооде по премрзнување на нозете
Ричард Норис Вилијамс бил на „Титаник“ со својот татко, а за време на несреќата и двајцата биле многу сталожени. Семејството Вилијамс посакале да одат во барот, но келнерот одбил да им ја отвори вратата. Потоа отишле во бродската вежбалница за да избеганат целосно замрзнување. Тука чекале. Ги здогледале чамците за спасување, а Ричард се качил во еден од нив но со крајни маки поради пресмрзнатоста. Неговиот татко загинал откако врз него паднала голема цевка.
Додека бродот „Карпатија“ пловел кон Њујорк лекарите сакале да му ги ампутираат двете смрзнати нозе на Ричард. Тие верувале дека нема да можат да му ги спасат. Но, тој одбил и подоцна закрепнал до тој степен што продолжил успешно со кариерата на тенисер. Освоил златен медал на Олимписките игри, а се борел и во Првата светска војна. Потоа станал успешен банкар во Филаделфија. Цели 22 години бил претседател на Историското друштво во Пенсилванија. Починал на 77 години од емфизема на белите дробови.
Последниот млад патник кој одлично се сеќава на несреќата
Ева Мирјам Харт имала седум години кога се качила на „Титаник“ со родителите. Според нејзините зборови, нејзината мајка одлучила таа ноќ да не спие затоа што цело време имала претчувство во врска со ова патување. Кога „Титаник“ почнал да тоне, таткото на Ева влегол во кабината, ја замотал Ева во ќебе и заедно со мајка ѝ ја сместил во чамец за спасување.
„Држи ја мајка ти за рака и биди добра девојка“, биле последните зборови кои татко и ѝ ги упатил на Ева. Неговото тело никогаш не било пронајдено.
Ева подоцна станала пејачка и е еден од основачите на британската конзервативна партија. Имала многу активен живот и цело време се присетувала на секој детаљ од потонувањето на „Титаник“. Починала во својот дом на 91-годишна возраст.
Томас Хенри Исмаи бил претседател на компанијата White Star Line и лично го конструирал „Титаник“. Во ноќта за време на трагедијата успеал да се спаси, а во последните секунди за време на потонувањето на величествениот брод го свртел грбот затоа што не можел да гледа како тоне.
По несреќата, Исмаи бил жестоко критикуван од страна на медиумите и обвинет дека побегнал во чамец за спасување додека на бродот сè уште имало деца и жени. Подоцна донирал големи пари до Фондот за настраданите морнари и некои фондови за време на Втората светска војна. До крајот на животот живеел многу повлечено, криејќи се од секого. Починал од тромбоза на 74-годишна возраст.