Демонизацијата на американско-унгарскиот милијардер и „филантроп“ со еврејско потекло Џорџ Сорос почна во Средна Европа на крајот на 2015 година, што некои социолози го толкуваат како современа манифестација на старите антисемитски заговори.
Европските националисти и десничари сè почесто го обвинуваат Џорџ Сорос (86) дека ги користи своите пари за форсирање на либералните вредности во нивните општества, што ја вклучува и поддршката на имигрантите, а и вербалните напади распламнуваат по големиот број бегалци и мигранти кои почнаа да пристигнуваат во Европа, наведува „Асошиетед прес“.
Официјалните лица на тие земји му ги припишуваат на Сорос сите можни гревови, а таа политичка стратегија изгледа има за цел да ги разоткрие проектите кои тој ги поддржувал во земјите на Средна и Источна Европа во време на нивните демократски транзиции.
Тоа, сепак, не беше случај до пред неколку години, па во 2012 година тогашниот претседател на Полска, Бронислав Коморовски, му го додели на Сорос еден од најголемите полски ордени, заблагодарувајќи му се за придонес и развој на демократското цивилно општество, по кршењето на комунизмот.
Соросовите донации ги унапредија во поранешните комунистички земји на Европа состојбите за човекови права, владеењето на законот, правата на Ромите и припадниците на ЛГБТ заедницата, здравствените и образовните системи, а го подобрија и прометот, наведува АП.
Многу челници и официјални лица на тие држави кои денеска се свртеа против него и го обвинуваат за уништување на нивните земји, како унгарскиот премиер Виктор Орбан, беа стипендисти на Сорос во 90-тите години, благодарение на неговите пари студираа на Запад или добиваа средства за истражување.
Претседателот на владејачката романска Социјалдемократска партија, Ливија Драгнеа, изјави дека Сорос и неговото дејствување „сееле зло во Романија“.
Лидерот на владејачката партија во Полска, Јарослав Казински, го обвини Сорос дека се обидува да ги уништи традиционалните општества со форсирање на мултикултурализмот во тие земји.
„Соросовата идеја оштествата да немаат идентитет е прикладна за сите оние кои имаат милијарди затоа што со таквите општества може многу лесно да се манипулира“, изјави Казински.
Пратеничката на владејачките полски конзервативци, Кристина Павловиќ, го нарекла „најопасниот човек на светот“ и изјавила дека неговата фондација финансира антихристијански и антидржавни активности“.
Ваквата реторика е насочена против Сорос, кому му се припишува натприродна способност на уништување на традиционалните општества, а социолозите ја протолкуваат како модерна манифестација на старите антисемитски заговори во време на изразен популистички гнев насочен против елитата и Европската Унија.
Социологот и директор од варшавскиот Институт за јавна работа, Јацек Кухарчик, изјави дека ваквиот наратив за Сорос како втемелено зло го почнал рускиот претседател Владимир Путин и дека Сорос е многу корисен како непријател во земјите со долга традиција, антисемитистички, како Русија и Полска.
„Тоа е лов на вештерки кој го промовираат авторитарни десничарски популисти. А зад тоа стои прикриен антисемитизам. Поради тоа што промовира либерални вредности, има еврејско потекло, и поради тоа што е милијардер, Сорос претставува совршена фигура за објаснување на десните бирачи затоа што светот е таков каков што е“, изјави Кухарчик.
Самиот Сорос претходно изјави дека неговата борба против нетолеранцијата има корен во неговиот живот во Унгарија во текот на нацистичката окупација во време на Втората светска војна. Тој и неговото семејство го преживеале холокаустот криејќи го својот еврејски идентитет.
Сорос досега, според податоците на неговата Фондација за отворено општество, донирал околу 12 милијарди долари.
Од тие околу 400 милиони долари ѝ припаѓаат на Унгарија, чиј премиер Орбан презема чекори кои би можеле да доведат до затворање на будимпештанскиот Средноевропски универзитет, кој Сорос го основал во 1991 година, во склоп на потпората на демократијата во регионот.
Орбан го опиша Сорос како американски финансиски шпекулант кој ја напаѓа Унгарија, и кој го има уништено животот на милиони Европејци.
Портпаролката на фондацијата на Сорос, Лаура Силбер, изјави дека „Орбан го користи Сорос како жртвено јагне во обидот да го сврти вниманието од вистинските проблеми, како што се лошиот здравствен и образовен систем“.