Тајна радиостаница во Русија преку 40 години емитува бел шум. Понекогаш може да се слушнат броеви, имиња и зборови што никој не ги разбира. Дали е во прашање тајна воена база, машина за судниот ден или вонземјани кои комуницираат со својата матична планета, никој не знае.
Руската станица што носи ознака UVB-76 (MDZhB) повторно го привлекува вниманието на медиумите. Радиослушателите ѝ дадоа надимак „Зујалка“ затоа што преку 40 години емитува сигнали што се слушаат како зуење.
Понекогаш низ белиот шум се пробива машки глас што изговара имиња, бројки и чудни зборови. Судејќи според координатите, сигналот доаѓал од населба во близина на Москва, но сега истиот е преселен на подрачје што не се наоѓа далеку од градот Санкт Петербург.
Радиоаматерите ги следат овие бранови должини и ги споредуваат со ужасниот предавател од ТВ-серијата „Изгубени“ или со атмосферата во филмовите за зомби-фашисти, како филмот „Бункер“. „Зујалката“ може да се користи за плашење деца. Таа е многу вознемирувачка и за оние кои очекуваат да се појави НЛО. Но, за оваа појава веќе се појавија неколку рационални објаснувања.
Теорија број 1: Тајна шпионска станица
Оваа теорија е поткрепена со фактот дека слични вакви станици постојат и во други земји. На пример, британската станица „Линколншајр поачер“ или „Чери Рајп“, кои емитуваат сигнали од Австралија.
Сите тие работат на кратки бранови должини и емитуваат сигнали на голема оддалеченост. Овој вид сигнал го користат бродови, подморници и авиони. Овој сигнал може да се фати и на друга хемисфера.
Двете споменати станици се појавиле во исто време во период на конфронтација меѓу советскиот и американскиот воен блок. Се чини дека го користат истиот принцип на шифрирање. Личностите кои испраќаат порака користат код што го знае само примателот. Случајни минувачи кои ќе го слушнат звукот ќе мислат дека тоа што го слушаат е обична глупост.
На пример, во 2016 година, во текот на сите 12 месеци емитување „програма“ можело да се разберат 30 руски зборови меѓу кои „билијард“, „кујнски мебел“, „атол“, „земјоделски експерт“ и „балкон“.
Теорија број 2: Судниот ден и нуклерна војна
Поборниците на оваа теорија сметаат дека мисијата на „зујалката“ се состои во мирување сè додека некој не се активира во случај на нуклеарна војна. Таа, како што тврдат тие, е дел од противракетен систем „Пераметар“ (познат и како „Мртва рака“) и може да биде една од неговите станици за мониторинг или резервен комуникациски систем.
Ако се појави нуклеарна експлозија, MDZhB веднаш ќе ги провери можните сензори преку мониторинг-мрежата. Потоа ќе испрати сигнал до генералниот штаб и доколку нема одговор (системот во тој случај претпоставува дека луѓето кои ја издале наредбата се мртви и дека стигнал судниот ден) тогаш испраќа сигнал до подморниците и авионите да извршат нуклеарен напад.
За 40 години сигналот на „зујалката“ само еднаш е прекинат, и тоа во јуни 2010 година, додека веќе наредниот ден повторно се појавил како ништо да не се случило. Руските вооружени сили во 2011 година соопштиле дека системот „Периметар“ функционира и е подготвен за борба.
Теорија број 3: Воена комуникација
Оваа теорија е најмалку интересна. Наводно радиопрограмата е само систем-врска што армијата ја користи во западниот дел на Русија. Шифрираните соопштенија се наредби што ги испраќаат воените одделенија, а монотното зуење е само маркер чија цел е да ја пополни брановата должина за никој да не може да ја користи.
Слушателите во 2010 година забележале дека станицата го променила местото од каде што се емитува сигналот, и тој повеќе не се наоѓа во московската приградска населба Поварово, туку во Ленинградската Област. Подоцна љубопитните слушатели во шумско подрачје откриле напуштен објект, со срушени бетонски столбови за бакарни жици. Покрај туристи, тука имало и луѓе кои собирале бакар.
Оваа теорија сепак не ги задоволува луѓето кои веруваат во супертајни мисии. Тие и понатаму ревосно го слушаат таинствениот шум и дискутираат за него во групи.
„На почетокот место шум, неколкупати се слуша тон, прво висок па понизок. Потоа се слуша забавен звук, како кога работи стар касетофон, а батериите му се при крај. Зуењето значително се забавува, а потоа исчезнува. Слушателите велат дека очекувале да има некаква програма, што не било случај. По пет минути, се слуша клик, и тоа неколкупати, а потоа повторно почнува гласното зуење.