Саудиските власти ги ослободија принцезата Басма бинт Сауд (57) и нејзината ќерка Сухуд, кои беа затворени без обвинение во март 2019 година, соопшти Организацијата за заштита на човековите права во Саудиска Арабија.
Басма долго време важеше за застапник за правата на жените и уставната монархија. Таа и нејзината ќерка беа притворени пред скоро три години, а во април 2020 година бараше од кралот Салман и престолонаследникот Мухамед бин Салман да ја ослободат од здравствени причини. Но, тогаш ѝ била одбиена медицинската нега. Од Организацијата за заштита на човековите права објавија дека ни против неа ни против ќерка ѝ во овие три години не беше покренато обвинение.
Принцезата Басма беше уапсена непосредно пред планираното патување во Швајцарија, каде што требала да оди на лекување. Но, во јавноста не е откриено за каква болест станува збор.
Принцезата Басма беше во затворот Ал-Хаир, каде што се наоѓаат и многу други политички затвореници.
Принцот Мухамед ги надгледува реформите откако неговиот татко Салман го назначи на функцијата во јуни 2017 година на местото на соборениот Мухамед бин Наџеф. Реформите вклучуваат укинување на повеќедецениската забрана за возење на жените и олеснување на таканаречените правила за „старателство“ кои на мажите им даваат произволни овластувања над женските членови на семејството.
Но, саудиските власти се справија и со дисиденти, па дури и со потенцијални противници. Меѓу нив беа проповедници и активисти за правата на жените, дури и членови на кралското семејство.