Во германското село Обермаргау, во кое се наоѓа центарот за обука на НАТО, еден од најголемите во светот, нема ниту еден случај регистриран на заболен од коронавирус. Мештаните веруваат дека ветување старо 400 години, го чува селото од секаков вид на епидемии.
Мештаните веруваат дека ветувањето кое го дале уште од 1633 година, ги штити од секаков вид на зарази и епидемии на чуми. Го исполнуваат до ден денес, пренесува „Њујорк тајмс“.
Епидемијата на чума во 17. век го зема животот на секој четврт жител и тогаш, како што раскажува локалниот свештеник Томас Гронер, жителите на ова место му ветиле на Господ, дека ако ги поштеди, тие редовно ќе изведуваат претстава која го претставува животот, смртта и воскресението на Исус Христос.
Легендата вели дека тогаш никој во ова баварско село не умрел од епидемија, иако претходно починале десетици луѓе. Така мештаните речиси 400 години го одржувале овој завет, одржувајќи претстава на секои десет години.
Единствените два пати кога таа била откажана биле во 1770 година, за време на ерата на просветителството и 1940 година, поради Втората светска војна. Еднаш е одложена непосредно и по Втората светска војна, затоа што немало доволно мажи за да се одржи претставата. Тие загинале на фронтот.
Второто одложување ќе биде оваа година, кога 42. претстава по ред е одложена поради пандемијата на коронавирусот. Овогодишната претстава треба да започне во мај и да се одржи во повеќе нарати до крајот на летото. На претставата доаѓаат над стотина илјади туристи, но сега е одложена на две години поради пандемијата.
За разлика од остатокто на Германија, каде повеќе од 100.000 луѓе се позитивни на новиот вирус, во селото нема ниту еден познат случај на „Ковид-19“, а мештаните веруваат дека заветот ги штити до ден денес.
Инаку, ова баварско село е познато не само по претставите, за кои мештаните ги подготвуваат со години. Во него се наоѓа и најголемиот наставен центар на НАТО, основан уште во 1953 година.
Низ наставниот центар, кој го користат земјите на НАТО и нивните сојузници, годишно минуваат 12.000 војници и голем дел од нив стануваат офицери и се обучуваат и се усовршуваат во разни воени аспекти.