Меѓународен археолошки тим предводен од словенечкиот археолог Иван Шпрајц откри досега непознат мајански град на мексиканскиот полуостров Јукатан, отворајќи ново поглавје во истражувањето на древната мајанска цивилизација.
Новооткриениот град, наречен Минанбе, се наоѓа во биосферскиот резерват Калакмул во мексиканската држава Кампече и претставува прво познато мајанско населиште откриено во овој дел од полуостровот.

Според соопштението на Научноистражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите (ZRC SAZU), густата џунгла со векови успешно го криела градот, поради што останал речиси недопрен и не бил ограбен од трагачи по археолошки артефакти.

Пет километри низ непробојна џунгла
Истражувачите објаснуваат дека пристапот до локалитетот бил исклучително тежок.
„Минанбе навистина се наоѓа среде исклучително густа џунгла. Вообичаено наоѓаме стари шумски патишта, но овојпат немаше никакви. Моравме сами да расчистиме околу пет километри пат, а потоа продолживме со квадови и пеш“, изјавил Иван Шпрајц.
Името Минанбе, во превод „напуштен“ или „никаде“, симболично ја опишува изолираната местоположба на древниот град.
Ласерска технологија ја откри тајната
Клучна улога во откривањето имала современата LiDAR технологија, која со ласерско скенирање овозможува да се „погледне“ низ густата вегетација и да се откријат градби скриени под дрвјата.
Снимањата покажале остатоци од градби на површина од околу 15 хектари, а теренските истражувања потврдиле дека станува збор за голем урбан центар со плоштади, палати, светилишта, земјоделски тераси и сложен систем на канали за управување со водата.
Пронајдена пирамида висока 13 метри
Една од највпечатливите градби е пирамида висока околу 13 метри, изградена во карактеристичниот мајански архитектонски стил Рио Бек, препознатлив по монументалните скалила, прецизно обработениот камен и богато украсените фасади.
Археолозите откриле и 14 камени стели и олтари, поставени долж древен пат кој го поврзувал центарот на градот со североисточниот дел од населбата.
Неколку од овие споменици содржат хиероглифски натписи и богати релјефи, што укажува дека Минанбе некогаш бил значајно политичко и верско средиште.
Сцена на обезглавување стара повеќе од илјада години
Особено внимание привлекла стелата означена како број 1.
На неа е прикажана сцена на обезглавување, а во горниот дел се наоѓа календарски натпис со годината 849, што им помогнало на археолозите попрецизно да го одредат периодот кога градот бил на својот врв.
Пронајдени се и други камени споменици со претстави на мајански владетели украсени со раскошни пердувести круни и богат накит.
Еден од хиероглифските натписи, според експертите, датира од крајот на VII век и би можел да биде најстариот досега пронајден натпис во оваа област.
Загадочни траги од политички превирања
Археолозите забележале дека дел од олтарите и стелите биле намерно оштетени или преместени.
Според нивните претпоставки, тоа може да биде доказ за политички или идеолошки промени што се случиле по пропаѓањето на градот.
Откривањето на Минанбе претставува едно од најзначајните археолошки откритија во последните години и уште еднаш покажува дека густите мексикански џунгли сè уште кријат бројни тајни на древната мајанска цивилизација, кои допрва треба да бидат откриени.




