Светската музичка дива за првпат во Скопје: Сè е подготвено за концертот на Јасмин Леви во Македонската филхармонија

По распродадените концерти ширум Европа, Јасмин Леви се враќа на Балканот и на 7 април за првпат настапува во Скопје, во салата на Македонската филхармонија.

Концертот на оваа светски позната изведувачка очигледно се очекува со големо нетрпение во земјата на сонцето, вината, езерата и добрите луѓе, бидејќи за настапот што ќе се одржи во недела се бара карта повеќе.

Поради тоа, Јасмин во Северна Македонија пристигнува со посебна емоција, подготвена да ги исполни своите најголеми хитови „Una noche mas“, „Adio kerida“, „Alegria“, но и песните од необјавениот албум „Mujer“, кои засега може да се слушнат исклучиво на нејзините концерти.

– Дозволете ми да ве одведам на поинакво патување од вашиот секојдневен живот… Ќе уживате! – порачува Леви пред секој свој концерт, и навистина е така. Славната уметница ја води публиката на уникатно патување исполнето со силни емоции и солзи, но и со смеа и искрена радост, какви што предизвикуваат вистинските уметнички дела, а тоа се токму нејзините концерти кои секогаш се проследени со стоечки овации и неколку враќања на бис.

Скопје може да го очекува истото од музичката дива во чија музика се испреплетени звуците на тангото и фламенкото, но и старите сефардски песни. Огранизаторите порачуваат дека сè e подготвено за концертот во Македонската филхармонија на 7 април.

Scroll to Top