Откако американската компанија „Џонсон и Џонсон“ прекина со испитувањето на вакцината против коронавирусот, уште еден американски производител на лекови – „Илај Лили“ соопшти дека ги прекинува сите клинички испитувања и терапии против Ковид-19, кои ги спонзорира владата.
Како што пренесуваат светските агенции, причината за прекинот е прашањето на нејзината безбедност. Од компанијата засега не коментираат какви ќе бидат импликациите од прекинот на клиничките испитувања.
Од компанијата претходно овој месец соопштија дека ќе се пријават за добивање итни дозволи за употреба на терапии со антитела од лекот LY-CoV555.
Ваквите терапии беа наменети за пациенти со умерена до средна сериозност на заболување од Ковид-19. „Илај Лили компани“ е производител на лекови против Ковид-19, кои содржат антитела слични на оние што ги примил американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во видеото, кое минатата недела го објавил на социјалните мрежи, терапијата со антитела, која ја произведува компанијата „Илај Лили“, заедно со компанијата „Регенер“, ја претстави како лек против Ковид-19.
Објавата за „Илај Лили“ следуваше еден ден откако компанијата „Џонсон и Џонсон“ соопшти дека е принудена привремено да прекине со испитувањата на своите експериментални вакцини против коронавирусот бидејќи еден од доброволците испитаници се разболе.
Од компанијата соопштија дека не се знае дали лицето ја примило вистинската вакцина или плацебо.