Повеќекратниот оскаровец Оливер Стоун во својот најнов документарец открива кои и зошто го убиле поранешниот американски претседател Џон Кенеди. Филмот премиерно ќе се прикаже на Канскиот фестивал, а главниот наратив ќе биде атентатот од пред пет децении.
Стоун за „Раша тудеј“ вели дека дошол до нови докази кои даваат јасна слика на целиот настан. Три децении по револуционерниот и контроверзен филм, „Џеј Еф Кеј“, Стоун уште еднаш се врати на настаните пред и по страшното убиство на 35 американски претседател.
Кенеди беше убиен во ноември 1963 година. За славниот режисер, атентатот на Кенеди и денес е актуелен како и пред 30 години. Тој во интервјуто за емисијата „Раша тудеј“, „Гоинг андерграунд“, објаснува дека Кенеди бил убиен поради антиколонијалната политика што ја водел.
Кенеди барал начини да ѝ стави крај на Студената војна и на тој начин им пркосел на американскиот брзорастечки и моќен воен и известувачки сектор. Неговото убиство послужило како предупредување за другите, особено наредните претседатели, кои дошле по него.
Тие не смееле да ја преминат црвената линија, вели Стоун, кој додал дека убиството на Кенеди можеби било направено несвесно, но дал јасна порака до американскиот народ дека се во прашање сили посилни од кој било човек или групација во светот.
„За да му ја разнесете главата на претседателот, среде толкава топла на луѓе и обезбедување, претходно морало да биде направена голема операција. Морало да се испланираат многу работи“, рече Стоун во интервјуто.
Тој додал дека внимателно ги испитувал доказите кои биле искористени за да го обвинат Ли Харви Освалд, вклучувајќи ги и балистички тестови и извештаите од обдукцијата. Сите тие покажале дека теоријата за осамен волк била лажна.
На пример, доказите покажуваат дека Освалд со години бил човек на ЦИА и дека човекот кој подоцна го убил бил Џек Руби, човек на ФБИ.
Дури и неспорните тврдења, како она дека Освалд за време на убиството се наоѓал на шестиот кат во складиштето со книги во Далас, биле разобличени со новооткриените информации и сведочења, додал Стоун.
Тој изразил жалење што поранешниот американски претседател Доналд Трамп одлучил да не ги декласификува документите во врска со атентатот, кои со децении се држат во тајност поради наводната загриженост за национална безбедност.
Кај Стоун се јавил сомнеж дека Џо Бајден веројатно ги декласификувал останатите документи, иако тие илегално се сокриени од јавноста.
Стоун изјавил дека критичарите се обиделе да го денунцираат како теоретичар на заговор и додал дека не разбира зошто некои веруваат дека таквите заговори се надвор од човечките можности.