(ВИДЕО) Робот го „победи“ Јусеин Болт: 100 метри за само 8,64 секунди

Хуманоиден робот постигна резултат што до неодамна изгледаше незамисливо – патеката од 100 метри ја истрча за само 8,64 секунди, време значително подобро од човечкиот светски рекорд на Јусеин Болт од 9,58 секунди.

Неверојатниот резултат беше постигнат на вторите Светски игри на хуманоидни роботи, кои се одржаа во Пекинг од 22 до 26 август.

Роботот „Тиангонг Ултра“, развиен од Пекиншкиот центар за иновации во хуманоидната роботика, уште на отворањето на натпреварувањето го привлече вниманието кога ја истрча стотката за 9,39 секунди.

Но неговиот напредок не застана тука. Неколку дена подоцна времето беше подобрено на 8,86 секунди, а во финалната трка истиот модел постави нов рекорд за хуманоидни роботи од 8,64 секунди. “Асошиејтед прес” (https://apnews.com/article/china-world-humanoid-robot-games-100m-record-b61c03c7dd570f6a3db1756b9e5ea63e)

За споредба, легендарниот Јусеин Болт го постави човечкиот светски рекорд од 9,58 секунди во Берлин во 2009 година. Сепак, резултатите на роботите не претставуваат официјални атлетски рекорди и не можат директно да се споредуваат со човечките достигнувања, бидејќи станува збор за машини придвижувани од мотори и натпреварување со различни правила.

https://youtu.be/PzMqoBEbx84?si=6JrbE03qLoFEsNpF

Импресивната брзина откри и еден од најголемите проблеми со кои сè уште се соочуваат инженерите – безбедното запирање. По минувањето низ целта, повеќе роботи удрија во заштитната бариера, а од некои од нив излетаа искри. Кај еден робот се појавил и мал пламен, поради што организаторите морале да интервенираат со противпожарни апарати.

Експертите посочуваат дека трчањето со толку голема брзина бара прецизна контрола на рамнотежата, брза промена на движењата, моќни мотори и конструкција што може да ги издржи силните удари при секој чекор.

На натпреварувањето учествуваа повеќе од 2.000 роботи од 666 екипи, кои се натпреваруваа во 51 дисциплина. Покрај трчање, фудбал, бокс, танцување и скокови, роботите извршуваа и практични задачи поврзани со домаќинството, хотелските услуги, индустријата и итните интервенции. “Ројтерс” (https://www.reuters.com/world/asia-pacific/chinese-robot-tiangong-clocks-sub-9-second-100-metres-beijing-2026-08-25/)

Иако резултатот на патеката е спектакуларен, научниците предупредуваат дека вистинскиот тест за хуманоидните роботи ќе биде нивната способност безбедно и самостојно да работат со часови во фабрики, магацини, домови и други сложени средини.

Сепак, напредокот е огромен. На првите игри во 2025 година „Тиангонг“ ја истрча истата патека за 21,50 секунди, а само една година подоцна времето е намалено на 8,64 секунди.

Scroll to Top