Во Торонто е отворен Музејот на лоши подароци, каде што се изложени „неуспешни“ подароци, односно оние што лицето кое ги примило не му се допаднале. Музејот ги покани граѓаните да донираат подароци кои едноставно не се за нив, на кои не им е посветено многу внимание при изборот или кои се „навистина ужасен подарок“, објавува „Торонто Сан“.
Според музејот, тие подароци „дадени од обврска, погрешна проценка или чиста апатија“ можат да најдат нов дом и да добијат шанса да блеснат, наместо да бидат закопани во длабочините на плакарот на примателот.
Иако повикот за поднесување беше објавен пред изложбата, кокураторката на музејот, Шари Касман, изјави за „Торонто Сан“ дека сите оние кои сакаат да придонесат за изложбата сè уште можат да ги донесат своите „подароци“ додека е отворена изложбата.
„Се фокусираме на сè што некој лично го смета за лош подарок и генерално не ги отфрламе апликациите освен ако предметот јасно не паѓа во духот на изложбата. Секогаш велиме дека лошиот подарок на една личност е богатство на друга личност. Затоа секој подарок во музејот е изложен со кратко објаснување зошто лицето кое го примило го сметало за лош подарок“, рече Касман.
Од подароците што се моментално изложени, Касман призна дека било „тешко да се избере“ кои се најлошите од најлошите, но конкретно спомена дека меѓу нив има античка кукла со ротирачка порцеланска глава што има три различни изрази на лицето, „од морничава до застрашувачка“.
Вториот предмет е „ѕверот од школки“, тешка скулптура направена од десетици зашилени школки што формираат „големо, шарено суштество“ што личи на полжав, а третиот најлош подарок е мала бакарна тава, каде што приказната зад подарокот е многу полоша од самиот подарок, бидејќи е купена со верување дека е со редовна големина, а се покажало дека тавата му е доставена на купувачот преку онлајн купување со дијаметар од само неколку сантиметри.
Подароците изложени во музејот се или позајмени или донирани, а донираните производи подоцна ќе бидат изложени на аукција, од која приходите ќе бидат предадени на банката за храна „Дневниот леб“. Како што објави Танјуг, изложбата ќе биде отворена до 4 јануари.






