Девет нешта кои треба да ги знаете за алергиите на храна

Алергиска реакција се појавува кога имунолошкиот систем пресилно реагира на навидум безопасна супстанца, како што се кикириките или влакната од мачка.

Белите крвни клетки кои го бранат нашето тело од надворешни напади се активираат кога ќе се сретнат со вид на антитело познато како имуноглобулин Е (IgE), што резултира со ектремна воспалителна реакција која може да вклучува потешкотии со дишењето, повраќање, чешање на очите или ушите, или исфрлање на кожата.

Доколку алергиската реакција е сериозна, се нарекува анафилакса и се случува за неколку секунди или минути, кога имунолошкиот систем го преплавува телото со хемикалии кои предизвикуваат паѓање на крвниот притисок и затворање на дишните канали. Со други зборови, телото влегува во шок кој може да резултира со смрт доколку симптомите веднаш не се третираат.

Од многуте извори на алергени, алергиските реакции на храната се највообичаени. Еве неколку факти за ваквите алергии:

1) Над 90% алергии на храна се предизвикани од 8 видови на храна

Над 170 видови на храна предизвикуваат алергиска реакција, но 8 специфични вида се одговорни за над 90% од алергиите – млеко, јајца, кикирики, јаткасти плодови, пченица, соја, риба и школки. Поради тоа, на етикетата на која е прикажан составот на производите мора да е напоменато доколку тие содржат било каков протеин добиен од еден од овие големи алергени.

2) Алергиите може да се надраснат

Алергиите е возможно да се надраснат, но тоа зависи од видот на алергијата и нејзината сериозност. Истражувањата покажуваат дека 60% – 80% од децата со алергија на млеко или јајца можат да ја јадат храната која ги содржи кога ќе наполнат околу 16 години, додека само 20% деца со алергија на кикирики ја надраснуваат. Тие проценти се 14% за алергиите на јаткасти плодови, 4% за риба и 5% за школки.

3) Паметен прибор за јадење може да открие скриени алергени

Паметниот прибор за јадење би можел да ги предупреди луѓето со алергии на одредени видови на храна доколку постои проблем во состојките на храната која ја подготвуваат. Во 2016-та, пак, канадски тинејџер направи паметен прибор за јадење кој може да детектира алергени, нутриенти и токсини.

4) Суровата храна може да предизвика алергиски симптоми

Иако не се работи за алергија на храна, луѓето со овој синдром можат да развијат симптоми на алергиска реакција (како чешање на устата и грлото, оток на усните и сл.) по јадење на сурово овошје и зеленчук. Алергиската реакција се случува кога имунолошкиот систем е активиран од поленот или слични протеини во храната, а оние кои имаат ваква алергија немаат реакции доколку овошјето или зеленчукот е зготвено (т.е термички обработено), бидејќи топлината ги менува овие протеини на кои телото реагира.

5) Алергиите се поврзани со анксиозноста

Во студија од 2017-та кај повеќе од 80 деца на возраст помеѓу 4 и 12 години било откриено дека децата со алергија на храна имале поголеми шанси да развијат анксиозност. Оние со алергија на храна имале повеќе симптоми на социјална анксиозност и поголемo ниво на анксиозност, генерално.

6) Постои алергија на месо предизвикана од крлеж

Луѓе кои биле каснати од посебен вид на крлеж („lone stark) развиле алергија на црвено месо (како свинско и говедско). Понекогаш алергијата може да биде исклучително тешка и да предизвикува реакција на разни животински продукти како волна, сапуни, вакцини и др.

Наречена алфа-гал алергија, таа ги збунила научниците во поглед на досегашните сфаќања како алергиите се појавуваат и активираат. Една огромна разлика во однос на другите алергии е што алфа-гал е шеќер, а не протеин, а понекогаш за да се јави реакција се потребни неколку часа, во споредба со неколку минути (до 2 часа) кај „обичните“ алергии.

7) Некои луѓе се алергични на вода

Овој вид на алергија е исклучително редок и може да се активира и со туширање, дожд или базени, а оние кои ја имаат треба да избегнуваат овошје и зеленчук што содржи многу вода, како и пијалaци кои во најголем дел се вода.

8) Менувањето на стомачниот микробиом може да спречи идни алергии

Во студија од 2004-та било откриено дека отстранувањето на стомачните бактерии кај глувците предизвикало алергиска реакција на кикирики кај нив. Научниците и понатаму истражуваат како стомачниот микробиом може да влијае на алергиските реакции, а постојат и студии врз животни каде позитивни резултати се добиле со фекални транспланти.

9) Постои поврзаност помеѓу расата и алергиите

Афроамериканските деца имаат поголем ризик од развивање на алергија на храна. Во студија од 2016-та било откриено дека од 817 деца, афроамериканските имале поголеми шанси за алергија на пченица, соја, пченка, риба и школки, во споредба со другите раси. Децата, пак, со потекло од латинска Америка имале најмали шанси за развивање на алергија од храна.

Scroll to Top