Педијатрите во Германија предупредија дека бебињата и малите деца не треба да се хранат вегански. Детскиот организам е исклучително чувствителен на недостиг на хранливи материи, соопшти Здружението на педијатрите и лекарите за адолесценти (БВКЈ) од Северна Рајна-Вестфалија.
За добар физички раст и здрав развој на сите органи, особено на мозокот, потребни се многу супстанции, и тоа во доволни количини, објасни портпаролот на Здружението, Аксел Гершлауер, по повод 1 Ноември, Светскиот ден на веганите, пренесува ДПА.
Со веганската исхрана снабдувањето со протеини, одредени масни киселини, витамини, како и други елементи во трагови, е критично. Дури и малите флуктуации и недоволното снабдување може да ги оштетат растечките и особено чувствителните органи на бебето, рече Гершлауер.
Конкретно, невролошкиот развој и менталното здравје може да бидат масовно и трајно загрозени. Речиси 10 проценти од возрасните во Германија сега се вегетаријанци – тие не јадат месо и месни производи, односно не јадат никакви производи од животинско потекло, како млеко или јајца, соопштуваат од Здружението.
Многу родители исто така ги хранат своите деца со вегетаријанска или веганска храна. Диетата без месо за млади се смета за изводлива под одредени услови. Но, веганската исхрана не се препорачува за бебиња и мали деца.
На веганската исхрана ѝ недостигаат важни хранливи материи, кои мора да се надополнат од друга храна. Тоа е можно само во ограничена мера преку природна храна. На пример, витаминот Б12 мора да биде дополнет со додатоци.
Ако постарите деца и младите се свесно вегани, заради благосостојбата на животните или екологијата, тоа треба да се пофали. Според БВКЈ, тогаш се потребни квалификувани совети и редовни тестови на крвта – затоа што треба да се обезбеди внесување на сите важни хранливи материи.
Веганите што дојат мора да земаат витамин Б12 и редовно да даваат крв за анализа.
Текстот Германските лекари предупредуваат дека децата не треба да се хранат вегански е превземен од МАКФАКС.