Малата жлезда со голема улога: Овие намирници ја штитат тироидната жлезда, а некои можат сериозно да ѝ наштетат

Тироидната жлезда, иако мала по големина, има огромно влијание врз функционирањето на целиот организам. Сместена е во предниот дел на вратот и произведува хормони кои го регулираат метаболизмот, работата на срцето, телесната температура, нивото на енергија и бројни други процеси во телото.

Доколку често чувствувате замор и покрај доволно сон, имате потешкотии со концентрацијата, необјасниви промени во телесната тежина или постојано чувство на исцрпеност, можно е причината да се крие токму во нарушената работа на тироидната жлезда.

Правилната исхрана е еден од најважните фактори за нејзиното здравје, а одредени витамини и минерали можат значително да придонесат за нормална функција на оваа важна жлезда.

Јодот е основа за правилна работа

За да ги создава хормоните тироксин (Т4) и тријодтиронин (Т3), тироидната жлезда има потреба од доволно јод. Недостатокот на овој минерал може да доведе до забавен метаболизам и намалена функција на жлездата.

Најдобри природни извори на јод се:

• морската риба (бакалар, туна, лосос),
• ракчиња и други морски плодови,
• млеко, јогурт и сирење,
• јајца,
• јодирана кујнска сол.

Морските алги исто така содржат големи количини јод, но треба да се консумираат умерено бидејќи прекумерниот внес може да има спротивен ефект и да ја наруши функцијата на тироидната жлезда.

Селенот е природен заштитник

Селенот е минерал кој овозможува правилно претворање на хормонот Т4 во неговата активна форма Т3. Освен тоа, тој има силно антиоксидативно дејство и го штити ткивото на тироидната жлезда од оштетувања, особено кај автоимуни заболувања како Хашимото.

Најбогати извори на селен се:

• бразилски ореви (еден до два дневно се доволни),
• туна,
• сардини,
• говедско месо,
• мисиркино месо,
• јајца.

Бидејќи прекумерниот внес на селен може да биде штетен, се препорачува умерена консумација.

Цинкот и железото се исто така важни

Цинкот учествува во создавањето на тироидните хормони, а неговиот недостаток може да доведе до намалена функција на жлездата.

Добри извори се:

• говедско и пилешко месо,
• школки,
• мешунки,
• семки од тиква.

Недостатокот на железо, пак, може да предизвика симптоми слични на хипотироидизам – замор, слабост, бледило и опаѓање на косата.

Витаминот Д има важна улога

Истражувањата покажуваат дека ниското ниво на витамин Д често се поврзува со автоимуни заболувања на тироидната жлезда.

Најдобри извори се:

• масна риба,
• јајца,
• млечни производи збогатени со витамин Д,
• умерено изложување на сонце.

Кои намирници треба да се јадат внимателно?

Одредени намирници содржат соединенија што можат да ја намалат апсорпцијата на јод, особено ако се консумираат во големи количини и сурови.

Во оваа група спаѓаат:

• брокула,
• зелка,
• карфиол,
• кељ,
• прокељ.

Тоа не значи дека треба да се исфрлат од исхраната. Напротив, тие се богати со витамини, влакна и антиоксиданси. Доволно е да бидат термички обработени, бидејќи со варење или подготовка на пареа овие соединенија значително се намалуваат.

Внимавајте со сојата

Сојата и производите од соја можат да ја намалат апсорпцијата на лековите што се користат за лекување на намалена функција на тироидната жлезда.

Затоа, лицата кои примаат терапија со левотироксин треба да остават најмалку четири часа разлика помеѓу земањето на лекот и консумирањето производи од соја.

Преработената храна не е добар избор

Брзата и индустриски преработена храна најчесто содржи големи количини шеќер, нездрави масти и сол која не е јодирана. Таквата исхрана може негативно да влијае врз метаболизмот и да ги поттикне воспалителните процеси во организмот.

Кога е потребно да се побара лекарска помош?

Доколку заморот трае подолг период, се јавуваат ненадејни промени во телесната тежина, чувствителност на студ или топлина, забрзано или успорено чукање на срцето, опаѓање на косата, сува кожа или проблеми со концентрацијата, потребно е да се направат лабораториски анализи и преглед кај ендокринолог.

Специјалистите нагласуваат дека не треба самостојно да се земаат витамини и минерали без претходна проверка, бидејќи и нивниот вишок може да биде штетен.

Најдобрата поддршка за тироидната жлезда останува разновидната и балансирана исхрана богата со природни извори на јод, селен, цинк, железо и витамин Д, во комбинација со здрав начин на живот, доволно сон и редовна физичка активност.

Scroll to Top