Онколог: Храна и пијалоци што треба да се избегнуваат за да го намалите ризикот од рак

Иако некои фактори на ризик за рак, како што се генетиката и возраста, се надвор од наша контрола, експертите и истражувањата покажуваат дека ракот може да се спречи со промени во начинот на живот и исхраната. Онкологот Јиржи Кубес истакнува дека намалувањето на внесот на преработено месо и алкохол би можело значително да го намали ризикот од заболување од оваа болест.

„Некои работи кои предизвикуваат рак не можеме да ги контролираме, но исхраната и начинот на живот секако играат улога. Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше преработеното месо и алкохолот како канцерогени. Намалувањето на внесот на овие намирници го подобрува целокупното здравје”, вели Кубес за Дејли Експрес.

Ова го потврдува и организацијата Cancer Research UK, која наведува дека “консумацијата на големи количини преработено месо го зголемува ризикот од рак на дебелото црево. Врската помеѓу преработеното месо и ракот е докажана исто толку јасно колку и врската помеѓу тутунот и алкохолот со ракот”.

Алкохолот ги оштетува клетките и ја попречува нивната способност за регенерација, а во исто време може да ги наруши хормоните и да ја зголеми фреквенцијата на клеточната делба, што дополнително го зголемува ризикот од развој на рак.

Според Кубес, “пиењето алкохол го зголемува ризикот од рак на црниот дроб и дебелото црево, меѓу другите видови на рак. Сè уште не знаеме точно на кое ниво алкохолот станува ризичен, но знаеме дека поголемата потрошувачка го зголемува ризикот”. Кога станува збор за преработеното месо, СЗО нагласува дека постојат јасни докази дека тоа е поврзано со рак на дебелото црево.

Преработеното месо вклучува храна која е конзервирана со пушење, сушење или солење, како што се шунка, колбаси, виршли и суво месо. „Најдобро е да ги јадете умерено, а исхраната да ја збогатите со овошје, интегрални житарки и зеленчук“, советува Кубес.

Покрај исхраната, одржувањето на здрава тежина и редовната физичка активност се клучни за намалување на ризикот од рак.

„Доколку сте загрижени за можноста за развој на рак или забележите симптоми, секогаш консултирајте се со лекар“, заклучува тој.

Scroll to Top