Психијатрите предупредуваат за зависноста на децата од Интернет – тоа е како зависност од хероин

Детските психијатри предупредуваат дека многу земји се на работ на епидемија на „зависност од екран“ кај малолетниците, кои поради зависноста од видео игрите, социјалните мрежи и воопшто интернетот одбиваат да одат на училиште, губат контакт со реалноста, а ако им се одземе „дневната доза“ телефони – се закануваат со самоубиство.

Родителите во Србија со право се загрижени за своите деца кај кои забележуваат знаци на зависност и немаат решение како да ги извадат од канџите на „екранот“, дури и кога станува збор за деца под 10 години.

Еден од поразителните податоци е дека во Институтот за ментални болести во Белград годишно се хоспитализираат повеќе од 30 деца поради зависност од видео игри, пренесуваат српските медиуми.

„Количината на време што детето може да го толерира пред екранот е половина час до еден час дневно, до час и половина во работните денови и викендите. Тие вклучуваат видео игри и социјални мрежи. За жал, веќе долги години постои тенденција да се зголемува времето поминато пред телефон, компјутер и игри. Оваа зависност која се развива кај децата, но и кај возрасните е на исто ниво како и хероинот. Се однесува на се што е во виртуелниот свет, а секој си избира содржина според возраста“, објаснува за Нова.рс, Ивица Младеновиќ, раководител на Клиниката за зависности на Институтот за ментални болести во Белград.

Лекувањето на овој тип на зависност многу често не е возможно, па затоа постојат шанси, предупредува докторот, современото општество ваквото зависно однесување да го класифицира како нормално.

„Се поставува прашањето колку оваа зависност може да се контролира и лекува. Кога системот не може да се справи со проблем, тој го нормализира. На некој начин му одговара на системот, луѓето да бидат пред компјутери, следени, контролирани. Луѓето систематски се вовлекуваат во машината, а потоа сме изненадени од бројот на зависници меѓу малолетниците. Овој проблем е исклучително голем, а веќе е надвор од контрола. Во прашање се големи пари, луѓето не сакаат да се откажат од лесните профити и заработувачки, а страдаат најмладите и семејствата“, нагласува Младеновиќ.

Ригорозните мерки се единствената шанса, смета тој.

„Забранете ги мобилните телефони во училиштата, воведете униформи до осмо одделение и воспоставете ред. Имаме сериозно тешки пациенти. На нашата клиника од 15 години доаѓаат момчиња и девојчиња, кои веќе не сакаат да одат на училиште, бидејќи велат дека имаат се на Интернет. Информации, дружење, живот. Тие не контактираат кога веќе се длабоко заглавени во зависност. Родителите се во страшен проблем, бидејќи средното образование со закон не е задолжително, па не можат да ги принудат да го продолжат образованието. Еден ден овие млади луѓе нема да имаат пријатели, семејство, партнери, ќе останат сами, затворени во четири ѕида со нивните екрани, па до кога ќе издржат“, заклучува Младеновиќ и додава дека решавањето на проблемот со зависноста од екранот не зависи само од семејствата, туку и до системот во државата и вредностите во општеството кои итно треба да се променат.

Scroll to Top