Фалафелот е едно од најпопуларните јадења што доаѓа од блискоисточната кујна. Вкусен е, здрав, не одзема многу време за подготовка, но, сепак, покрај проверениот рецепт, потребно е да знаете и неколку трикови за да не се распаднат крцкавите топчиња при пржењето. Без разлика што некој може да ве советува наместо сирова леблебија да користите конзервирана леблебија, бидејќи го прескокнувате натопениот дел од наутот во вода, не правете го тоа. Важно е основната состојка на фалафелот делумно да ја зачува крцкавоста, а конзервираната наут секогаш е помек отколку што бара вистинскиот фалафел.
Состојки: 300 грама наут, поголема главица црвен кромид, 2 чешниња лук, неколку листови свеж магдонос, коријандер, рамна лажичка сол, црн пипер, лажичка сода бикарбона (за водата во која ќе го покиснете наутот), пола ќесичка прашок за пециво, 50 грама сусам и масло.
Подготовка: Во сад истурете ладна вода и лажица сода бикарбона, натопете ја леблебијата и оставете ја да отстои во таа вода најмалку 12 часа. Следниот ден исцедете ги од водата и ставете ги во блендер. Додадете го сечканиот црвен кромид и лукот, листовите магдонос и коријандер и измешајте сè заедно. Смесата не треба да се претвори во паста.
Оставете ја смесата во фрижидер еден час да се стегне. По еден час додадете сол, црн пипер, прашок за пециво и сусам, па формирајте топчиња. Истурете го маслото во тавата и кога ќе се загрее, ставете го фалафелот и пропржете, повремено вртејќи ги топчињата за да не се залепат на дното на тавата. Кога ќе заруменат, тргнете ги со лажица на хартиена крпа за да се исцеди вишокот маснотии, па наредете ги во чинија. Ако поради некоја причина не ви се допаѓа фалафелот пржен во длабоко масло, наредете ги топчињата во плех кој претходно сте го обложиле со хартија за печење. Секое топче премачкајте го со малку масло и печете во загреана рерна на 200 степени петнаесетина минути. Послужете со прелив од јогурт, топол леб или тортиља и сезонска салата.