Дали е добро секој ден да пиете маслиново масло? Еве што велат експертите

Во светот на велнес-трендовите и советите што ги промовираат славните личности, сè попопуларна станува навиката секојдневно да се пие екстра девствено маслиново масло. Ѕвезди како Кортни Кардашијан, Бијонсе, Гвинет Палтроу и Џенифер Лопез тврдат дека токму оваа намирница е една од тајните за нивниот младешки изглед и добро здравје.

Трендот, кој започна во Холивуд, брзо се прошири и на социјалните мрежи, особено на TikTok, каде милиони корисници снимаат видеа во кои пијат маслиново масло, убедени дека тоа го подобрува варењето, го намалува воспалението и придонесува за поздрава кожа.

Холивудските ѕвезди се колнат во маслиновото масло

Џенифер Лопез дури и го темели својот козметички бренд на маслиновото масло, тврдејќи дека нејзиниот младешки изглед не е резултат на ботокс или естетски интервенции, туку на семејната традиција и редовната употреба на ова масло.

Актерката Голди Хоун, пак, откри дека пие маслиново масло пред спиење и го користи како природен хидратантен производ за кожата, додека легендарната Софија Лорен своевремено изјави дека дури се капела во маслиново масло.

Внимавајте ако го нанесувате на кожата

Иако многумина го сметаат за природен еликсир за убавина, дерматолозите предупредуваат дека маслиновото масло не е идеално за сите типови кожа.

Кај луѓето со акни, чувствителна кожа или егзема, неговата употреба може дополнително да ги влоши симптомите. Поради тоа, дел од дерматолозите советуваат да не се користи како средство за секојдневна нега на лицето.

Науката ги потврдува здравствените придобивки

Кога станува збор за исхраната, експертите се многу поединствени. Екстра девственото маслиново масло е богато со полифеноли, антиоксиданси и здрави незаситени масти, особено олеинска киселина, која е позната по тоа што придонесува за намалување на нивото на „лошиот“ холестерол и го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Истражувањата покажуваат дека неговото редовно вклучување во исхраната може да помогне во намалување на воспалителните процеси во организмот, подобрување на здравјето на срцето и подобра контрола на телесната тежина, особено кога се користи како замена за путер, маргарин и други заситени масти.

Може да го намали ризикот од сериозни заболувања

Научните студии укажуваат дека соединенијата во екстра девственото маслиново масло можат да придонесат за намалување на ризикот од одредени видови рак, деменција и други хронични заболувања.

Покрај тоа, постојат докази дека позитивно влијае врз функцијата на црниот дроб, бубрезите и цревниот микробиом.

Не е ново откритие

Иако денес е голем хит на социјалните мрежи, нутриционистите потсетуваат дека здравствените придобивки од маслиновото масло се познати со децении.

Токму затоа медитеранската исхрана, во која екстра девственото маслиново масло е главен извор на масти, со години се смета за еден од најздравите начини на исхрана во светот. Се користи во подготовка на салати, зеленчук, риба, месо и многу други јадења, а експертите препорачуваат да биде дел од разновидна и балансирана исхрана.

Иако не постојат докази дека секојдневното пиење маслиново масло „на екс“ носи дополнителни придобивки во однос на неговата редовна употреба во исхраната, научниците се согласуваат дека умерената консумација на квалитетно екстра девствено маслиново масло може да биде важен дел од здравиот начин на живот.

Scroll to Top