Фолната киселина, позната и како „витаминот на мајката“, најчесто се поврзува со трудниците, но всушност е неопходна за сите.
Фолната киселина спаѓа во витамините од Б комплексот и е форма на витамин Б9, кој е еден од најважните хранливи состојки кој помага за правилен раст и зачувување на клетките, подобрување на расположението и бројни функции во организмот.
Фолната киселина е, пред сè, важна за производство на црвени крвни зрнца и за здравјето на бебето за време на бременоста.
Фолната киселина е важна за бројни функции во телото, од синтеза и регенерација на ДНК до делба на клетките.
Меѓу другото, му помага на телото да создаде здрави нови црвени крвни зрнца, односно еритроцити кои носат кислород низ телото. Ако телото не произведува доволно од нив, може да се појави анемија. Ова доведува до замор, слабост и блед тен.
Фолната киселина им е потребна на сите, особено на жените во репродуктивен период. Оваа супстанца, и пред и за време на бременоста, во доволни количини, може да спречи големи вродени дефекти на мозокот или ‘рбетот на бебето. Доволната количина на фолна киселина за време на бременоста е особено важна бидејќи е клучна за раниот развој на фетусот, особено на ‘рбетниот мозок.
Фолната киселина, исто така, игра клучна улога во разградувањето на хомоцистеинот, аминокиселина која може да има штетни ефекти доколку има премногу во телото.
Многумина веќе добиваат доволно фолна киселина од нивната исхрана, но некои може особено да имаат корист од земање додатоци на фолна киселина.
Експертите препорачуваат трудниците и жените кои планираат бременост да земаат 400-800 микрограми фолна киселина. Доилките треба да земаат околу 500 микрограми дневно.
Една од главните придобивки на фолната киселина кај постарите лица е нејзината способност да го забави губењето на меморијата поврзано со возраста и когнитивниот пад. Сепак, не се покажа дека додатоците на фолна киселина ги ублажуваат симптомите кај постарите луѓе со дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест.
За правилен внес на фолна киселина, најдобро е да се консултирате со стручно лице, кое ќе ви препорача доза секој ден или еднаш неделно.
Општите препораки се трудниците и жените кои сакаат да забременат да земаат фолна киселина три месеци пред бременоста бидејќи тоа му помага на бебето да расте нормално, а многу жени не ни знаат дека се бремени во првите недели.
Возрасните мажи и жени треба да земаат во просек 400 микрограми фолна киселина дневно. На бремените и доилките им требаат 600 mcg и 500 mcg, соодветно. Оние кои редовно пијат алкохол треба да земаат најмалку 600 mcg фолна киселина дневно бидејќи алкохолот може да ја наруши нејзината апсорпција. Максималната дневна доза за возрасни, која веројатно нема да предизвика несакани ефекти (не вклучувајќи фолати од храната) е 1.000 mcg.
Недостатокот на фолна киселина може да предизвика здравствени проблеми како што се анемија, замор, раздразливост, отежнато дишење и вртоглавица.
Имено, ниското ниво на фолати во крвта се поврзува со здравствени проблеми како што се поголем ризик од вродени дефекти, срцеви заболувања, мозочен удар и одредени видови на рак.
Симптоми на недостаток на фолна киселина се слабост, замор, проблеми со концентрацијата, главоболка, раздразливост, палпитации на срцето, рани на јазикот и во устата, промена на бојата на кожата, косата или ноктите, отежнато дишење.
Групи со зголемен ризик од дефицит на фолна киселина се оние кои пијат многу алкохол, бремени жени и жени во репродуктивна возраст, лица со цревни заболувања, целијачна болест, оние со генетска состојба која спречува конверзија на фолната киселина во нејзина активна форма и ја зголемува аминокиселината хомоцистеин во крвта.
Недостатокот на фолна киселина е редок бидејќи се наоѓа во широк спектар на храна.