Снежина Петрова од Бугарија „Актер на Европа 2017“, Гран при за „Анонимос Венис“ од Косово

Со доделувањето на  наградите, синоќа, во прекрасниот амбиент во „Сарајот“ во Ресен заврши 15.  јубилејно издание на  театарскиот фестивал ,,Актерот на Европа 2017“, кој од своите почетоци до денес е репрезент на високите татарски вредности на современиот европски театар  и мост за духовно зближување на трите езерски јазици во прекрасната Преспа – македонски, албански и грчки.

Жирито во состав: Мето Јовановски, доц. Лиљана Плевнеш, доц. Гоце Ристовски и Мартин Кочовски ги  додели традиционалните награди.

Наградата Наум Манивилов Преспански, што се доделува во чест на големиот македонски  поет, годинава ѝ припадна на претставата ,,Отворач за конзерви“ во режија на Стојан Матавуљ,  од Народен театар Штип.

Наградата ,,Млада Европа“ ѝ се додели на претставата „Идиот“ од Букурешт, Романија, за колективната игра која плени со својот креативен дух на младите студенти.

Традиционалната награда што го носи името на легендарниот театарски деец Жак Лакариер, кој се вгради себеси во темелите на нашиот фестивал, годинава ѝ припадна на француско-грчката копродукција „Екстремофил“ во режија на Елизабет Мари. Наградата „Јавност“  за креативна, жива, комуникативна, актерска игра и исклучителна интеракција со публиката, со спектакуларна трансформација и игра која плени и воодушевува,  се додели на монодрамата ,, Животот е лото“ во изведба на Моника Ромиќ.  Почесната награда „Актер на Европа 2017“ за авторскиот проект „Поет за поетите – Момчило Настасијевиќ“ му се додели на Иван Перковиќ.

Престижната наградата Актер на Европа оваа година ја понесе Снежина Петрова, актерка од Република Бугарија за нејзината изведба „Не јас“ работена по мотиви на текстовите на  Семјуел Бекет, додека Гран при  за најдобра претстава во целина ѝ припадна на претставата од ИТИ Центарот за театар од Приштина, за претставата „Анонимос Венис“ по текст на Џузепе Берто, во режија на Дрита Беѓоли.

Scroll to Top