Заев добива закани по живот

Полицијата ќе поднесе кривична пријава против лице што на „Фејсбук“ му се заканувало со убиство на премиерот Зоран Заев. Од МВР известуваат дека во изминатиот период се детектирани шест кривични дела за закани кон претседателот на Владата, тие се документирани, со соодветни известувања до Основното јавно обвинителство, и обезбедени се наредби до социјалната мрежа „Фејсбук“.

Притоа, велат од МВР, од посочените шест кривични дела, откриено е лице што се сомничи за сторено кривично дело загрозување на сигурноста, а се однесува на регистрирана објава на еден македонски веб-портал по претходно објавена статија на социјалната мрежа „Фејсбук“, која во вид на закана е упатена до претседателот на Владата.

„Во случајот осомничениот за кривичното дело е откриен во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка со социјалната мрежа ‘Фејсбук’, како и со Интерпол-Берн (Швајцарија) и еден интернет-провајдер од Швајцарија. По целосно документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното ОЈО“, велат од МВР.

Од таму напоменуваат дека на ист начин постапуваат по сите доставени пријави за закани за загрозување на безбедноста и сигурноста на сите граѓани.

Scroll to Top