Постои една неверојатна коинциденција. Во мигот на катастрофалниот земјотрес точно во 5,17 часот на 26 јули холандски авион го надлетувал Скопје. Пилотот од воздух гледал што се случува на земјата и бил вџашен од глетката, бидејќи наеднаш се кренала огромна прашина над градот.
Тој бил единствениот кој имал слика пред себе за катастрофата во истиот миг. Како директен сведок од авионот, меѓу првите на светот му ја соопштил тешката вест: „Скопје е разурнато, во него има 50.000 мртви!“.
Веста била неверојатна, дури и фантастична за светот, но пилотот ја направил процената според она што можел да го види со сопствените очи.
Овој податок со авионот спаѓа меѓу првите известувања за катастрофата. Постојат, исто така, и други помалку познати детали за првите известувања, иако личностите кои тоа го направиле се главно познати.
Прв ја објавил веста за катастрофата капетанот на ЈНА, Петар Јовиќ. Непосредно по земјотресот, не поминале ни дваесетина минути капетанот Јовиќ се јавил во воениот центар, кој бил најблиску до Скопје, во Приштина. Со големи тешкотии успеал да објасни каква катастрофа се случила на градот на Вардар. Од воената единица каде што веста за земјотресот била доставена, таа веднаш стигнала и до Радио Приштина. Радиото точно во 7 часот објавило: „Скопје веќе не постои!“.
Прв од новинарите и меѓу првите известувачи за катастрофалниот земјотрес е и познатиот дописник на „Политика“ Јован Поповски. Со помош на еден од службениците на Поштата, кој преку бандера воспоставил врска со белградска „Политика“, тој ја соопштил веста за катастрофата. Како искусен новинар и одличен познавач на Скопје Поповски вака драматично го опишува своето прво јавување:
„Од другата страна на жицата беше Рушка, секретарката од редакцијата на „Политика“. Ја слушав како извика и ја пушти слушалката: ,Другари, Поповски е жив’. Врската беше воспоставена. Но, што да јавам? Тогаш видов дека дури немам ни бележник, иако на директорот на весникот му реков: Овде е голема катастрофа, ајде да издадеме вонредно издание. Тој ме праша дали имам напишан извештај. Се разбира, имам, го излажав. Но, сепак почнав да го диктирам извештајот. Во тој миг не верував дека можам да напишам некој текст што ќе им се допадне. Не, катастрофата беше толку многу голема, впечатоците толку многу, а шокот толку силен, што не бев способен да го опишам сето тоа. Во главата чувствував кошмар… Да бидам искрен, застанав и заплакав како дете. Но, никој не се осврнуваше на моите солзи. Таков беше денот“, вели Поповски.
Кога станува збор за првите извештаи и видувања на катастрофалниот земјотрес во Скопје, треба да се наведе напорот и првото јавување на скопските железничари, односно на луѓето кои во тој миг се затекнале на работното место во зачуваниот, неурнат дел од станицата. Тие, исто така, биле меѓу првите кои испратиле известување и тоа преку морзеовите апарати, кои не биле целосно оштетени во Железничката станица.