Можеби звучи неверојатно, но е вистинито. Суровата вистина за Аргентинците е дека можеби нема да играат на Мундијалот во Русија 2018 година.
По новиот неуспех пред своите навивачи, 0:0 против Перу, на славната „Бобониера“ во Буенос Аирес, Меси и дружината паднаа на шестото место во јужноамериканските квалификации, кои гарантираат само продолжен одмор во време кога најдобрите светски репрезентации ќе играат во Русија.
Аргентина има 25 бодови, колку што и во моментов има петтопласираниот Перу, кој во последното коло игра на свој терен против Колумбија, на која исто така ѝ „виси“ пласманот во Русија, по шокантниот пораз од Парагвај на свој терен со головите во гости во 89. и 92. минута
Колумбијците сега имаат еден бод повеќе од Аргентина и Перу, но ист број бодови собра и Чиле, кој во последното коло му гостува на лидерот, недопирливиот Бразил, на кој и еден бод ќе му биде гарант за минување на Светското првенство.
Колку ситуацијата и да е лоша за Аргентинците, тие и понатаму ги држат конците во свои раце, макар и за пласман во баражот.