Актерот Кевин Спејси бара психолошка процена и лекување бидејќи повеќе лица јавно го обвинија за сексуално малтретирање.
Претставник на оскаровецот изјави дека актерот некое време ќе се повлече од јавноста.
„Кевин Спејси ќе си даде малку време и ќе побара процена и лекување. Моментално немам повеќе информации“, изјави неговиот претставник.
Спејси се соочи со обвиненија дека сексуално ги вознемирувал режисерот Тони Монтана и актерот Роберт Кавазос, како и Ентони Реп и уште една личност која сакаше да остане анонимна.
Монтана изјави дека и ден-денес страда од посттрауматски стрес – синдром чии последици ги почувствувал кога Спејси насилно се обидел да го однесе во кревет.
Сè започна од признанието на Ентони Реп, кој по големиот скандал со продуцентот Харви Вајнштајн, одлучи да ја отвори душата и јавно да зборува за тоа како Спејси сексуално го вознемирувал кога тој имал само 14 години.
Спејси ја искористи таа можност за на јавноста да ѝ открие дека е хомосексуалец и изјави дека не се сеќава на тој инцидент, но и му се извини на Реп.