Актерот Ед Вествик, најпознат по улогата на Чак Бас во серијата „Озборувачка“, е обвинет за силување. Актерката Кристина Коен со порака на „Фејсбук“ го обвини актерот дека ја силувал пред три години. Со тоа продолжуваат низата обвинувања за сексуална злоупотреба на актерите. Таа на својот профил напиша:
„Бев сексуално нападната пред три години. Тоа беше мрачен период во мојот живот. Мајка ми умираше од рак и немав поддршка или време за да се справам со последиците од силувањето. Ги закопав болката и вината за да направам простор за бурата која дојде по смртта на мајка ми, три месеци подоцна.
Дури и сега ме измачува чувство на вина. Неоснована грижа дека на некаков начин јас бев виновна. Не знам од каде доаѓаат овие чувства. Можеби од мислењето во општеството дека сè е секогаш по вина на жената? Дека тоа што маж не може да се задржи подалеку од нашите тела е некако поради нас, а не поради него?
Созреав значително во трите години по нападот, па навраќањето на него е болно…
Кратко време се состанував со продуцент кој беше пријател со актерот Ед Вествик. Тој продуцент ме однесе во куќата на Ед, каде што првпат го сретнав. Сакав да си заминам кога Ед предложи сите да имаме секс. Но, продуцентот не сакаше со заминувањето да направи Ед да се чувствува непријатно. Ед инсистираше да останеме на вечера. Јас реков дека сум уморна обидувајќи се да ја напуштам непријатната ситуација. Ед предложи да дремнам во гостинската спална соба. Продуцентот рече дека ќе останеме само уште 20 минути за да ја „смириме“ ситуацијата и дека потоа ќе си заминеме.
Отидов во гостинската соба, легнав и заспав. Бев разбудена одненадеж од Ед, кој беше легнат над мене, а неговите прсти влегуваа во моето тело. Му реков да престане, но тој беше силен. Се борев со него колку што можев, но тој ми го зграби лицето, ме тресеше и ми велеше дека сака да има секс со мене. Бев парализирана, преплашена. Не можев да зборувам, не можев да се движам. Тој ме држеше и ме силуваше.
Беше кошмар, а деновите кои следуваа не беа ништо подобри од тоа.
Продуцентот ми ја префрли вината мене велејќи ми дека сум била активен учесник. Велејќи ми дека не смеам да кажам ништо затоа што Ед ќе повика луѓе кои ќе ме уништат и дека можам да заборавам на актерската кариера. Велејќи ми дека нема начин да речам дека Ед ме силувал и дека не сакам да бидам ‘таа девојка’.
И долго време му верував. Не сакав да бидам ‘таа девојка’.
Сега ги разбирам начините на кои ваквите мажи кои имаат моќ ги ‘ловат’ жените и оваа тактика се користи многу често во нашата индустрија и сигурно во други индустрии.
Одвратно ми е да гледам мажи како Ед дека се почитувани во јавност. Се интервјуирани од престижни платформи како Оксфордската унија на Универзитетот Оксфорд, каде беше почестен како еден од нивните ‘луѓе кои го обликуваат нашиот свет’. Резултатот на тоа? Мажи како Ед ја користат славата и моќта да силуваат и да заплашуваат, а потоа продолжуваат низ светот собирајќи награди и признанија.
Се надевам дека моето признание ќе им помогне на други да знаат дека не се сами, дека не треба да се обвинуваат себеси и дека не е по нивна вина. Се надевам дека моите стории и сториите на другите ќе помогнат да се ресетираат и променат токсичните средини и нарушените рамнотежи во моќта кои се креирани од овие чудовишта.“