На онлајн аукција во Њујорк ќе се продаваат 39 црни вечерни фустани и смокинг, носени од холивудските ѕвезди на годинешното доделување на наградите „Златен глобус“. На аукцијата ќе бидат понудени и фустаните на Никол Кидман, Рис Витерспун, Мерил Стрип и смокингот на комичарот Сет Маерс, кој беше водител на вечерта.
Според „Њујорк тајмс“, аукцијата ја организира интернет аукциската куќа „И-беј“ и издавачката куќа „Конде наст“. Собраните средства ќе бидат донирани во фондот Time’s Up кој дава правна заштита на жртвите на силување и сексуално вознемирување.
Почетната цена на фустаните ќе варира помеѓу 2,5 и 10.000 долари, во зависност од вредноста поставена од страна на дизајнерите. Аукцијата е официјално отворена денес и ќе трае една недела.