Посен мазник по рецептот на вашите баби
Потребни состојки:
600 грама брашно
1 лажичка сол
3-4 лажици масло
прстофат шеќер
по потреба топла вода (за замесување на тестото)
Фил:
2 страка праз
2 суви пиперки
по потреба масло, сол
масло за попрскување на корите
Начин на подготовка:
Во сад за месење ставете ги брашното, солта, маслото и шеќерот. Измешајте ги со лажица. Постепено додавајте ја водата и замесете средно меко тесто. Поделете го тестото на 6 топчиња. Секое топче исучете го во мала кора. Премачкајте ги малите кори со масло и оставете ги да стојат 20 минути. Во меѓувреме подгответе го филот – во тава на оган ставете малку масло и додајте ги сечканиот праз и сечканите суви пиперки. Откако ќе омекне посолете и пропржете уште малку.
Работната маса покријте ја со чаршав. Земете една кора, расучете ја, па со раце растегнете ја колку што можете потенко. Попрскајте ја кората со масло и нанесете од филот. Со помош на чаршавот завиткајте ја кората во ролат и оставете ја настрана. Повторете ја постапката со сите кори. Редете ги во тавата за печење една по друга во вид на полжав. Целата пита попрскајте ја со масло и печете ја во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени.