На дупчењето заби против кариес му дојде крајот

Експерти од колеџот „Кингс“ во Лондон развија нова безболна метода на лечење што овозможува самостојно обновување на забите, без дупчење и инјекција.

Кариесот обично се отстранува со стоматолошка дупчалка откако шуплината ќе се исполни со материјали како амалгам или композитна смола.

Новиот метод, наречен електрична забрзана и подобрена реминерализација (Electrically Accelerated and Enhanced Remineralisation (EAER)), го забрзува природното движење на калциумот и фосфатните минерали за што побрзо да стигне до оштетениот заб.

Постапката, која се состои од две фази, вклучува подготовка на оштетеното подрачје со паста за заби, а потоа се користи електрична струја со помал интензитет за да ги насочи минералите до тоа место.

Научниците очекуваат дека техниката ќе биде подготвена за користење во рок од три години.

„Не само што нашиот уред е пријатен за пациентите и подобар за забите, се очекува дека во најлош случај ќе биде подеднакво економичен како актуелните методи на лечење. Освен што го сузбива кариесот, нашиот уред може да се користи и за избелување на забите“, објаснува професорот Нигел Пеатс од Институтот за стоматологија на колеџот „Кингс“.

За комерцијализација на истражувањето, основана е компанијата „Реминова“ со седиште во Перу (Шкотска), која моментално трага по приватни инвеститори кои ќе го финансираат развојот.

 

 

Scroll to Top