Македонскиот филм „Исцелител“ ќе биде претставен на 6. меѓународен филмски фестивал во Виена, Let’s CEE, каде ќе се натпреварува во официјалната програма „Ветувачки дебитантски филмови“. Освен „Исцелител“ во истата категорија ќе се натпреваруваат уште 13 други филмови.
„Исцелител“ ќе има три прикажувања, на 16, 17 и 21 април.
Во програмата заедно со „Исцелител“ се добитникот на награда на фестивалот во Карлови Вари, грузискиот „Деде“, добитникот на награда на Софискиот филмски фестивал, бугарскиот „Радиограм“, добитникот на награда на филмскиот фестивал во Сараево, романскиот „Меда или не така добра страна на работите“ и други.
Оваа година на Let’s CEE во Виена ќе се прикажат шест македонски филма и два филма во кои Македонија учествува како копродукција. Во програмата на документарни филмови ќе се прикаже Avec L’Amour на Илија Цветковски. Во програмите на кратки филмови ќе се прикажат „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, „Доаѓаат од центарот на светот“ на Дина Дума, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски и „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска.