Натпреварувачот Гарет Кендал ги воодушеви сите кога во квизот „Кој сака да стане милионер?“ освоил 125 илјади фунти одговарајќи точно на прашањето каде се наоѓа замокот „Уркухарт“. Гарет одговорил точно затоа што на ова место ја загубил ногата.
Кендал од Галифакс учествувал во квизот што се емитувал во Велика Британија. Попатно споменал дека малку недостигало да загинел во страшна сообраќајна несреќа, но останал без нога.
Стигнал до 12. прашање за 125.000 фунти (малку повеќе од 140.000 евра), а прашањето што водителот му го поставил ќе го памети засекогаш.
„Покрај кое езеро се наоѓа рушевината на дворецот ‘Уркухарт’?“, му го поставил прашањето водителот Џереми Кларксон.
Гарет не се двоумел воопшто.
„Го знам овој одговор, таму ја изгубив ногата“, изјавил натпреварувачот, а публиката во студиото реагирала гласно.
Тој додал дека сообраќајната несреќа се случила во близина на рушевините на дворецот, покрај езерото Лох Нес.
Одговорил точно на прашањето и си заминал дома со 125.000 фунти. Гарет Кендал ги воодушевил сите и сега е најуспешниот натпреварувач во новата сезона на квизот.