Поп-пејачката Симона Поповска минатиот викенд се омажи за бизнисменот Кристијан Сињори. Таа на свадбата носеше венчаница креирана од Златко Јовановски, познат како Џеј Зи Џеј. За Симона Златко креирал дводелен невестински фустан изработен од материјали нарачани од странство. За основата на фустанот тој користел мат-сатен и неколку вида тантела. Сите детали на фустанот биле рачно везени.
„Венчаницата почнавме да ја изработуваме пред три месеци. Фустаните не ги правевме долго како крој, но потрошивме два месеци за везењето на украсите и деталите. Сите чипки беа рачно нанесени, ниту еден орнамент на венчаницата не е случајно таму. Широката венчаница имаше шлеп долг 3,5 метри. На него беа везени краевите во кордонска бурдура, а на задниот дел има два вида чипки со проѕирни монистри. На фустанот сирена беа везени чипки со стаклени монистри и шлепот беше во форма на детелина. На него имаше 12 метри бурдура која рачно ја полневме со 4 вида на монистри и 14 метри тантела од свилен конец за велот“, рекол Златко за „Рипост“.
Симона и Златко досега соработувале неколку пати, па затоа и му било лесно да го дизајнира фустанот на Симона, оти ја познава.
Пејачката се омажи за Кристијан по тригодишна врска. Се верија тајно, лани во Охрид.