Изгубените момчиња во Тајланд сакале да се потпишат во пештерата

Британски „Скај њуз“ пренесува дека младите 12 фудбалери и нивниот тренер од Тајланд кои девет дена беа загубени во пештерата веројатно влегле во истата и покрај забраната за време на дождовната сезона со цел да го стават својот потпис на крајот.

Еден од странските спасувачи кои им помагаат на колегите од Тајланд е Британецот Бен Рејменантс. Тој за британските медиуми објаснил дека децата и нивниот тренер влегле внатре и се обиделе да дојдат до крајот на тунелот за да се потпишат, а потоа да се вратат назад.

Тајландските морнарички фоки соопштиле дека сите 13 членови од младиот фудбалски тим кои биле заглавени во пештерата на северот од Тајланд се здрави и дека за нив се грижат лекари.

Во соопштението се наведува дека седум членови од морнаричките фоки, меѓу кои има и лекар и медицинска сестра, им се придружиле на момчињата и нивниот тренер во пештерата во која се загубиле барајќи засолниште од поплавата.

Командантот на морнаричките фоки изјавил дека спасувањето на луѓето од пештерата е една од неколкуте опции кои се разгледуваат, како и тоа дека нема потреба од тоа ваквата акција да биде избрзана затоа што момчињата и нивниот тренер се безбедни во пештерата.

Како што наведуваат медиумите, спасувачките служби се обиделе да ја испумпаат водата од поплавената пештера Там Луанг Нанг Нон, но имаат многу проблеми поради времето. Иако дождовите престанале, метеоролозите прогнозираат дека наскоро ќе продолжат, што значи дека нивото на водата повторно ќе се подигне и децата и нивниот тренер веројатно ќе мораат да останат под земја уште четири месеци, додека сезоната на монсуни не заврши.

Алтернативата е децата и тренерот да ја препливаат надојдената вода во должина од четири километри, од местото каде што се наоѓаат до влезот во пештерата за да можат спасувачките тимови им дадат нуркачка опрема.

Но, ваквата опција е опасна од две причини. Прво поради тоа што децата воопшто не знаат да пливаат, ниту да нуркаат, поради што постои ризик да се удават, а втората е поради тоа што преминот нив влезот во мрачната и поплавена пештера е исклучително тежок, дури и за професионалните нуркачи.

Момчињата и нивниот тренер се пронајдени живи во пештерата на Тајланд девет дена по нивното исчезнување. Тие се исцрпени и имаат помали повреди, а преживеале благодарение на водата што капела од висулците од варовникот по сводот и ѕидовите на пештера.

Спасувачките тимови на Тајланд во понеделникот ги откриле 12 деца на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен фудбалски тренер, кои на 23 јуни влегле во пештерата Там Луанг.

Спасувачите сега мораат да одлучат како најдобро да ја извадат групата, а предупредија дека ваквата акција би можела да потрае. Откако ќе бидат спасени, тие ќе бидат предадени на лекарски тим кој чека пред пештерата.

Во меѓувреме, на децата и тренерот им се доставуваат енергетски гелови за да издржат додека не се направи план за нивното безбедно извлекување.

 

 

 

 

Scroll to Top