Најдобриот српски судија, Милорад Мажиќ, беше главниот кандидат да ја дели правдата во големото финале на Светското првенство во Русија. Сепак, Хрватска со пласманот во завршницата го тргна Србинот од оваа листа.
Мажиќ по арбитражата во финалниот меч во Лигата на шампионите беше главен фаворит и за финалниот меч на мундијалот.
ФИФА во петокот ќе ги делегира судиите за последните два меча. Според непишаното правило, судиите што доаѓаат од исто говорно подрачје не може да се делегираат за мечеви на тие селекции. Тоа значи дека Мажиќ нема да го гледаме како им суди на своите комшии, Хрватите.
Но, Хрватите не би имале ништо против в недела, на центарот на теренот, покрај нивните фудбалери, да излезе и Србинот. „Во финалето нека суди најдобриот, а тоа е Мажиќ“, порачаа хрватските новинари кои ја следат репрезентацијата на „коцкестите“.
„Глупаво е да се казни добар судија затоа што соседната земја игра во финале. Би изгледало дека Мажиќ ќе им помогне на Французите затоа што Србија и Хрватска беа во војна“.
Финалниот меч меѓу Хрватска и Франција е на програмата в недела од 17 часот.