Познатиот кантавтор Нил Јанг и актерката Дерил Хана се венчале викендов на мала церемонија во Калифорнија, пренесоа светските медиуми.
Веста ја потврди гитаристот Марк Милер, честитајќи ѝ на двојката, но кажа дека не присуствувал на свечениот чин.
„Дознав за ова од еден пријател, кој бил присутен“, изјави Милер.
Венчавката се одржала во Атаскадеро, по церемонија на јахтата на Јанг во близина на островите Сан Хуан.
Седумдесет и двегодишниот американски музичар и 15 години помладата актерка се заедно од 2014 година, откако тој се разведе од Пеги Јанг по 36 години брак.
„Ни беше гајле што ќе кажат медиумите, тоа воопшто не е важно. Она што е важно сме ние, а не медиумите“, кажа своевремено Јанг за врската со Хана.
Освен на љубовен, на Јанг му оди добро и на музички план, имајќи предвид дека во последните четири години издаде дури шест албуми. Оваа година, тој глумеше во музичкиот вестерн „Парадокс“, режиран токму од Хана, а двајцата заедно учествуваат и на протести.