Денеска во Градскиот парк во Скопје се одржа марш за подигнување на свеста за ракот на дојка, настан насловен како „Напред розово“, кој по 10. пат се одржа во организација на Здружението за борба против ракот „Борка – за секој нов ден“.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека податоците говорат дека три до четири жени во Македонија дневно заболуваат од рак на дојка. „Имено, од системот пресметавме дека 1.356 нови случаи се појавиле во 2018 година, кои не биле евидентирани во 2017, и ако се подели со денови во годината просекот е 3,7“, појасни Филипче.
Филипче посочи дека кај жените најчестата причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2017 година е малигната неоплазма на дојка.
Тој посочи дека кај жените најчестата причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2017 година е малигната неоплазма на дојка.
„Во 2010 година бројката изнесувала 308 жени, во 2015 изнесувала 281, 2016 – 338, додека пак во 2017 година намалена е стапката и изнесувала 279 жени. Одговорност наша, како институција и Влада е да им обезбедиме на сите граѓани квалитетна здравствена заштита, здравство кое лекува, но и здравство кое едуцира и превенира“, посочи министерот Филипче.
Следејќи ги европските и светските насоки, почнувајќи од месец април 2015 година во соработка со кабинетите за мамографија во јавните здравствени установи (вкупно 29 на територијата на Македонија), Министерството за здравство почна со организирана „Национална скрининг програма за рана детекција на рак на дојка“. За таа цел, во изминатиов период набавени се нови дигитални мамографи во повеќе јавни здравствени установи, креирани се посебни термини за изведување на скрининг, а Центрите за јавно здравје и Управата за електронско здравство посредуваат во закажувањето на термините.
„Квалитетот на скринингот се обезбедува со спроведување на едукација преку семинари, предавања од експерти од Македонија и странство, континуирана контрола на технички квалитет на мамографите, континуирана контрола на квалитет на вршење на мамографски преглед и интерпретација на мамографски наод. Исто така, квалитетот на скринингот се обезбедува и со евиденција и статистичка обработка на резултати од дијагностичка и скрининг мамографија и зголемена информираност на населението и матичните лекари“, истакна Филипче.