Американец и неговиот син од Кентаки се најдоа на удар на јавноста затоа што момчето било маскирано во Адолф Хитлер, а неговиот татко носел нацистичка униформа за време на „Ноќта на вештерките“, пренесува „Дејли мејл“.
Брајант Голдбач и неговиот петгодишен син минатата недела традиционално тргнале да собираат слатки и колачи, но последно што им паднало на ум е дека ќе бидат предмет на закани поради нацистичките униформи.
Брајант фотографијата ја споделил на Фејсбук, каде што ја бранел својата одлука тој и синот да се облечат како историски фигури. Тој бил гневен затоа што неговиот петгодишен син добивал закани на социјалните мрежи.
„Вечерта кога шетавме низ градот забележавме луѓе маскирани во сериски убијци, ѓаволи, видовме крв и насилство од сите видови. Никој не им обрна внимание на нив. Но, мојот син и јас се маскиравме во историски фигури и не само што луѓето нè коментираа туку и му се закануваа на мојот петгодишен син“, напишал Брајант на Фејсбук.
Вечерта возрасни луѓе му се закануваа на моето дете поради костимот. Се закануваа дека ќе го скинат од него. Да, либерализмот е жив и е добар. И ние имавме незадоволство да се соочиме со плодовите од таканаречената толерантна левица“, напишал тој.
Имало и коментари кои биле во одбрана на семејството и кои посочиле дека не е во ред луѓето да се закануваат на малото момче.
„Ова е Брајант Голдбач. Ужива себеси и своето семејство да ги маскира во нацисти. И следи неколку нацистички и екстремно десни групи на социјалните мрежи. Но, сигурен сум дека тоа го прави само затоа што ја цени историјата, а истовремено и осудува некои моменти од неа“, бил еден од коментарите на Твитер.
Кога ги видел негативните коментари и реакциите на социјалните мрежи, таткото на крајот признал дека погрешил и се извинил поради својата постапка.