Нуркачи ја пронајдоа црната кутија на авионот на индонезиската компанија „Лајонер“, кој се сруши во Јаванското Море и во кој животот го загубија 189 лица.
Тамошните телевизии прикажаа снимка од нуркачите кои ја открија црната кутија.
„Бев очаен затоа што струјата доле е многу силна, но бев сигурен во алатките што ги добив. Почнав да копам и да ги чистам остатоците од авионот сè додека не допрев портокалов предмет“, вели еден од нуркачите.
Црната кутија ќе ја испита Националниот комитет за безбедност и транспорт во Индонезија, соопштил директорот на Агенцијата за пребарување и спасување, Мухамед Сјауги.
Сјауги додал дека црната кутија е пронајдена на 500 метри северозападно од координатите на кои е изгубен контакт со авионот што се срушил во морето.
Падот на авионот на „Лајонер“ е најлошата трагедија во Индонезија уште од 1997 година, кога 234 лица го изгубиле животот.