На Маргарет Гизингер, наставничка од Калифорнија, ѝ се заканува неколку години казна затвор поради насилство извршено врз еден од нејзините ученици за време на одржувањето на часот. Таа избрала еден од учениците и на сила го истрижала, пишува Би-би-си.
52-годишната наставничка се изјаснила дека не е виновна по ниту една од 6-тете точки од обвинението. Меѓу останатото е обвинета за нанесување телесни повреди на малолетник.
Ако судот ја прогласи за виновна, може да добие казна од 3,5 години затвор. Истрагата на овој случај е покрената по објавената снимка на интернет од неа и ученикот.
Таа без негово одобрение со ножици почнала да сече перчиња од неговата коса. Додека го стрижела, Маргарет ја пеела националната химна на Америка.
Адвокатот на ученикот изјавил за Си-ен-ен дека момчето било исплашено, но на крајот успеало да побегне. Наставничката побарала нов кандидат, па дури ѝ се заканила на една ученичка дека таа е следната.
„Исклучително е важно да се обезбеди безбедноста на учениците за време на наставата. Ги разгледуваме сите достапни информации и ќе ги примениме сите најстроги казнени мерки“, се вели во соопштението од локалната канцеларија за образование.
Наставничката добила отказ, а во моментов ја чека судење. Таа е пуштена на слобода, откако платила 100 000 долари кауција.