Мистериозни сигнали стигнаа од вселената, ги регистрира телескоп во Канада

Астрономите открија таинствени сигнали што пристигнуваат од далечна галаксија, а кои се забележани од телескопот во Канада CHIME (Canadian Hydrogen Intensity Mapping Experiment).

Точното потекло на овие  радиобранови сè уште не е познато. Помеѓу 13 интервали на овие брзи радиобранови (FRB, fast adio bursts) се повторува еден многу необичен сигнал, кој доаѓа од истиот извор.

Изворот е оддалечен околу 1,5 милијарди светлосни години. Ваков феномен е забележан само еднаш во минатото, во 2015 година, со телескопот во Порторико.

„Сега кога забележавме уште еден ваков радиобран можеме да претпоставме дека во вселената постојат повеќе“, вели астрофизичарката Ингрид Стерс од Универзитетот Британска Колумбија.

„Со повеќето повторувања на сигналите можеме да ги проучуваме и можеби ќе успееме да ја одгатнеме оваа космичка загатка. Од каде доаѓаат сигналите и што ги предизвикува“, додава Ингрид.

Телескопот во Канада, кој се наоѓа во долината Оканаган во Британска Колумбија, се состои од четири полуцилиндрични антени. Секоја е долга по 100 метри, а со нив секој ден може да се проучува целото северно небесно подрачје.

Сателитот почнал со работа минатата година, а многу брзо детектирал 13 радиобранови, вклучувајќи и повторувачки сигнал. Научното истражување за појавата на овие таинствени сигнали е објавено во списанието Nature.

FRB се кратки интервали на радиобранови, кои веројатно се појавуваат од другиот крај на вселената. Тие се непредвидливи и краткотрајни. Тоа се изненадувачки појави на некои делови од небото и траат неколку милисекунди.

 

 

Scroll to Top