„Моќта на љубовта“ е биографскиот филм за Селин Дион, што треба да излезе наредната година. Во главната улога ќе биде француската ѕвезда Валери Ламерсие, која ќе биде и режисерка на филмот, за кој 50-годишната канадска пејачка ги има одобрено авторските права за нејзините песни.
Филмот ќе ја следи Дион од нејзиното детство во Квебек во 1960-ите, каде што била најмладото од 14-те деца, во, како што таа го опиша, сиромашно, но среќно семејство. Дион ја снимила првата песна кога имала само 12 години, што ја напишала со мајка ѝ и со еден од браќата. Нејзиниот друг брат Мајкл ја испратил песната на менаџерот Рене Анжелил, кој во 1994 година ѝ стана сопруг на Селин Дион и беа во брак до неговата смрт во 2016.
Ламерсие изјави дека се заинтересирала за животната приказна на Дион токму по смртта на Анжелил.
„Истражувајќи ја нивната љубов, подобро сфатив како алхемијата на амбициите на Рене, Селин и нејзината мајка довела до тоа едно несакано девојче да стане една од најголемите ѕвезди на планетата“, кажа Ламерсие.