(Видео) Во Јадранското Море откриен првиот корален гребен

Во водите на Јадранското Море, од италијанска страна, недалеку од градот Монополи, е откриен голем корален гребен, кој се протега на 2,5 километри.

Гребенот нема боја каква што може да се види по тропските мориња кај Малдивите или Австралија, затоа што станува збор за коралниот гребен што се наоѓа на длабочина од 35 до 50 метри, место каде што продира многу малку сончева светлина.

Таквите мезофотични корали, кои можат да преживеат на длабочина до 200 метри, се многу ретки. Италијанските научници се воодушевени со ваквото откритие затоа што станува збор за прва позната група на корали откриена на италијанскиот брег која може да се нарече гребен.

Своето откритие е документирано во студијата објавена во списанието „Сајентифик репортс“.

„Во раните 1990 години работев со морски биолози на Малдивите, но никогаш не очекував дека 30 години подоцна, ќе откријам гребен во својата земја“, изјавил лидерот на истражувачкиот тим Џузепе Кориеро, од Универзитетот Алдо Моро во Бари.

Повеќето корални гребени во светот се помлади од 10.000 години. Сите заедно покриваат помалку од 0,1% од океанската површина, но на нив живеат повеќе од 25% од сите морски видови. Меѓу останатото има риби, сунѓери, мекотели и слично.

Поради климатските промени во последните години загрозени се голем број на гребени, особено оние во плитките води. Тие воглавно не се навикнати на такви нагли промени, бавно се опоравуваат и ретко успеваат да фатат чекор со глобалното затоплување.

Пред повеќе од 10.000 години, коралите биле многу чести појави во Медитеранот, но си време изумреле. Нивните остатоци денес можат да се забележат покрај хрватскиот остров Мљет. Површината на овој гребен се проценува на околу 650 квадратни метри, а се наоѓа на длабочина меѓу 5 и 18 метри.

За жал, денес и овој гребен е загрозен, најмногу поради затоплувањето.

 

Scroll to Top