Во Сибир пронајдена совршено сочувана глава на волк од Ледената доба

Руски научници пронашле глава од волк од периодот на Ледената доба. Главата била совршено сочувана во ледот во Сибир. Животното починало пред 40.000 години, а главата е откриена во рускиот арктички регион Јакутија.

Водечкиот истражувач од локалниот огранок на руската Академија на науки Валериј Плотников, изјавил дека животното припаѓало на древниот подвид на волк, кој живеел истовремено со мамутот.

Плотников изјавил дека волкот и мамутот исчезнале заедно во исто време. Научникот истакнува дека волкот кога би пораснал, би бил 25% поголем од денешните видови волкови.

Плотников откритието го нарекол уникатно, затоа што научниците претходно пронаоѓале черепи од волкови без ткиво или крзно. Оваа глава на волкот имала уши, јазик и совршено сочуван мозок.

 

Scroll to Top