Македонската пејачка Елена Миленковска и српскиот пејач Александар Маринковиќ – Гуте, кои се запознаа во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, се верија по пет месеци врска. Гуте ја побарал Елена за жена на нејзиниот 26. роденден. Во изненадувањето за Елена му помогнале нивните пријатели од „Гранд“, откри двојката за српските медиуми.
„Точно дека се веривме по само неколку месеци врска, ама јас потајно многу посакував тој да ме побара за жена и да го поминеме животот заедно“, рекла Елена за телевизија „Гранд“, пред снимањето на првата емисија од новата сезона на популарното шоу.
Откако открија дека се во врска, Елена и Гуте постојано објавуваа заеднички слики на социјалните мрежи и јавно си кажуваа колку се сакаат. Тие живеат во Белград, но често се и во Македонија, кај семејството на Елена. Свадбата, велат ќе биде наскоро, иако засега немаат избрано датум.