Ликот на холивудскиот глумец Кијану Ривс се појавил во учебник по историја во Украина. Ликот на Ривс се нашол на фотографија од неколку работници на Њујорк во триесетите години од 20 век. Спорниот учебник е објавен во 2018 година, но грешката е забележана дури во понеделникот, кога на неа укажал еден случаен твитерџија.
„Не сум изненаден. Кијану Ривс е бесмртен. Тоа што се нашол за време на изградбата на небодер во триесетите години од минатиот век е само доказ“, се пошегувал твитерџијата на социјалните мрежи.
„Можеби малку работел на градилиште, пред да стане познат глумец“, се пошегувал друг.
На социјалните мрежи имало и критики упатени до авторите и графичкиот дизајнер на книгата.
Игор Шчупак, авторот на учебникот и директорот на украинскиот „Институт за студии на Холокаустот“, објавил на „Фејсбук“ пошироко објаснување. Тој вели дека ова е првпат во две години некој да го забележи Ривс во учебникот, па дури и јавно му се заблагодарил глумецот.
За Шчупак, преку ликот на Ривс во учебникот, сега младите, па и постарите, повеќе се интересираат за историјата. Тој објаснува дека обработената фотографија по грешка ја избрал графичкиот дизајнер. Министерката за образование на Украина, Хана Новосад пак вели дека не е задоволна од ваквиот настан.
Таа на „Фејсбук“ истакнала дека користењето на преработена фотографија, наместо оригинална претставува кршење на авторските права.
Ова не е првпат да настане ваква грешка. Шчупак на „Фејсбук“ ја споменал и грешката од деведесетите години, кога покрај фотографијата на римскиот цар Октавијан Август, е ставен описот „Јулиј Цезар“.
Како што вели, оваа грешка никој не ја забележал. За тоа време еден корисник на „Твитер“, навел мапа во украински учебник по географија, која многу наликува на мапа од познатата видеоигра Skyrim.
Во 2018 година британскиот глумец Бенедикт Камбербач, се најде на насловната страна на украински учебник по книжевност. Тоа не било случајно.
Авторката на овој учебник изјавила дека фотографијата од глумецот во улога на Хамлет била со цел децата да покажат повеќе интерес, не само за класичната, туку и за модерната адаптација на тие дела од киното и театарот.