Градските власти во Хонгконг на своите граѓани ќе им поделат по 1.280 долари во кеш сè со цел да ги намалат последиците од економската криза. Ваквата мерка подразбира дека сите жители кои престојуваат во Хонгконг и кои имаат најмалку 18 години ќе ја добијат оваа сума. Околу седум милиони луѓе ќе имаат корист од оваа одлука.
Финансискиот секретар Пол Чен изјавил дека Хонгконг првпат ќе се соочи со дефицит во буџетот во последните 15 години, поради рецесијата која почна во третиот квартал во 2019 година.
Се очекува оваа ситуација да се влоши, а Чен вели дека дефицитот за следната фискална година до март 2021 година ќе достигне рекордни околу 4,8% од БДП на Хонгконг.
Тој додаде дека економијата на Хонгконг оваа година ќе се соочи со големи предизвици и сериозни предизвици, а дека изгледите ни оддалеку не се ветувачки во наредниот период.
За време на претставувањето на буџетот, Чен изјави дека на ваквата моментална состојба влијаеле протестите во Хонгконг, трговската војна во Кина и САД, како и забавувањето на глобалната економија.
Сега, како што навел Чен, економијата исто така се соочува и со ширењето на коронавирусот, кој исто така задал тежок удар. Владата, како што навел Чен, ќе го намали данокот на доход за некои жители, што ќе опфати два милиони даночни обврзници.
Властите исто така планираат да им дадат на жителите со ниски примања и кои живеат во зградите кои се во јавна сопственост, месец дена бесплатен престој.
Чен додал дека и покрај влијанието на коронавирусот, економските темели на Хонгконг ќе останат цврсти.
„Економијата на Хонгконг би требало да се опорави, откако ќе заврши епидемијата“, изјавил Чен.